По проблемите со автопилотот и запалувањето на батеријата на „моделот S“, пристигнуваат нови лоши информации за „Тесла“. Деновиве Илон Маск им пратил е-порака на своите вработени за „загрижувачките вести за компанијата“. Овој пат не станува збор за нова сообраќајна несреќа или за банкрот на компанијата, за што подолго време се зборува, туку за саботажа во самата компанија.
(
Фото: AFP)
Според е-пораката на Маск, се работи за опсежна
саботажа што ја направил вработен кој не добил унапредување. Во знак на одмазда, го променил кодот на оперативниот систем на „Тесла“ што се користи во фабриката, а успеал да стигне и до голем број исклучително чувствителни податоци што им ги предал на непознати луѓе или на друга компанија.
„Сè уште не се познати размерите на штетата“, напишал Маск и напоменал дека многубројни организации ја посакуваат пропаста на „Тесла“ – од луѓето од Вол стрит до автомобилските и нафтените компании, така што истрагата ќе покаже дали оваа саботажа е само испад на незадоволство на една личност или станува збор за нешто многу поголемо и поопасно, и дали вработениот имал помошници.
Маск ја испратил пораката откако во неделата избувнал пожар во фабриката за производство на електрични автомобили, поради што производството било запрено на неколку часа – тогаш Маск рекол дека е среќен што никој не е повреден, а сите вработени ги предупредил да внимаваат на саботажа или невнимание.
Маск смета дека „надворешните сили“ токму сега имаат најголема мотивација да ја нападнат и да ја оневозможат компанијата „Тесла“, бидејќи во текот на следните недели имаат намера да го зголемат производството на „моделот 3“ на пет илјади автомобили неделно. Поради тоа, ги повикал сите вработени веднаш да ги предупредат надлежните доколку забележат нешто сомнително во фабриката.
Токму производството на „моделот 3“ е клучно за долгорочните планови на оваа компанија, а вработените во „Тесла“ досега наишле на голем број проблеми при неговото производство, но се чини дека, со големо задоцнување, Маск сепак е блиску до зацртаната цел и производство на пет илјади автомобили неделно.