X
 12.12.2020 Здравје

Ова се земјите со најголема доверба во здравствениот систем

Здравствените власти низ светот се борат со Ковид-19, а се чини дека поради тоа расте и довербата во нив во многу региони. Анкета спроведена од „Ипсос“ на над 20.000 испитаници од 27 земји покажува дека се зголемува довербата во здравствените услуги.

Повеќе луѓе даваат позитивни оцени за здравствените услуги во споредба со анкета спроведена пред две години, и покрај пандемијата, велат од „Ипсос“. Половина од испитаниците сметаат дека ќе добијат најдобар третман од здравствените власти во нивната земја. Ова е зголемување во споредба со 2018, кога 41% го сметале истото.


Фото: Screenshot/Ipsos

Најголема доверба во здравствените власти имаат жителите на Малезија (75%), Австралија (74%) и Кина (74%), а најмала во Унгарија (16%), Русија (16%) и Полска (18%). Во споредба со претходната анкета, довербата најмногу се зголемила во Кина (за 28 процентни поени), Саудиска Арабија (за 21 процентен поен) и Јужна Кореја (за 18 процентни поени).

Кога станува збор за квалитетот на здравствените услуги, најдобри оцени добиле Австралија, Холандија и Велика Британија. Земјите во кои поголемиот дел од испитаниците го оцениле здравството како лошо се Полска, Унгарија и Перу. Најголемо подобрување е забележано во Саудиска Арабија, Кина, Бразил и во Шведска.

Најголемите предизвици во здравството се однесуваат на пристапот до третман, долго време на чекање и преоптовареност на системот или недоволен кадар. Во многу земји проблем се и високите трошоци. Во сите земји што учествувале во анкетата, 55% од испитаниците изјавиле дека здравствениот систем е преоптоварен.

Кога станува збор за нееднаквоста, 59% од испитаниците изјавиле дека многу луѓе во нивната земја не може да си дозволат добра здравствена заштита.


Фото: Pexels

За 72% од испитаниците коронавирусот е главен здравствен проблем во моментот. За 37%, тоа е ракот, а следуваат менталното здравје и стресот. Во Шведска, Чиле и во Австралија најголем проблем е менталното здравје. Дебелината, која била втор најголем проблем во 2018, сега се наоѓа на 5. место.

Кога станува збор за вакцините против заразните болести, 64% од испитаниците сметаат дека тие треба да бидат задолжителни, додека 15% не се согласуваат. Околу 73% од испитаниците во 15 земји планираат да се вакцинираат кога вакцината против коронавирусот ќе биде достапна.

Една третина од испитаниците очекуваат здравството да се подобри, додека 16% сметаат дека тоа ќе се влоши во иднина. Од „Ипсос“ велат дека земјите со понапредни здравствени системи имаат тенденција да бидат поголеми песимисти.

Автор: Викторија Мастерсон
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје