Речиси 8 од 10 луѓе низ светот би прифатиле да се вакцинираат против ковид-19 за да го зачуваат работното место, покажува анкета на „Ипсос“ спроведена за Светскиот економски форум. Анкетата била спроведена на над 14.000 вработени лица во 33 држави.
Според резултатите, 78 отсто од испитаниците се за воведување задолжително вакцинирање на работниците. Доколку треба да одбираат помеѓу вакцина или редовно тестирање, 68 отсто би ја одбрале вакцината, а само 12 отсто одбрале редовно тестирање. Девет отсто изјавиле дека би нашле трета опција за да ја задржат работата, а 5 отсто би дале отказ и би барале друга работа.
Истовремено, на 38 отсто не би им пречело да работат на место во кое не се бара тестирање, вакцинација или носење маски, а ова би им пречело на 31 отсто. Околу една четвртина изјавиле дека би работеле од дома во овој случај.
Фото: Pixabay
Анкетата покажала и дека жените повеќе ја поддржуваат задолжителната вакцинација. Ваквите мерки се прифатливи за 38 отсто од сопствениците на компании и 36 отсто од менаџерите на висока позиција.
Анкетата била спроведена пред појавувањето на сојот омикрон. Тогаш, 20 отсто од испитаниците сметале дека пандемијата ќе заврши откако ќе се вакцинираат 75 отсто од жителите, а 8 отсто мислеле дека таа веќе завршила. Понатаму, 14 отсто сметаат дека таа никогаш нема да заврши, 27 отсто очекуваат таа да трае барем уште една година, додека 25 отсто очекуваат да заврши во следната година и уште 25 отсто дека ќе заврши за помалку од 6 месеци.
Испитаниците од Унгарија и од Русија биле најпесимистични од анкетираните земји, додека најмногу оптимисти имало во Бразил, Данска, Полска, Шведска и во Саудиска Арабија.
Извор:
World Economic Forum
Фото: Pixabay