X
 01.04.2020 Наша тема

Планетата Земја не е хотел во кој плаќаме за да ни биде удобно, ако еден ги прекрши правилата, сите ќе настрадаме... Што нѐ научи корона-кризата?

На првото прашање на нашата онлајн-анкета, кое гласеше: Што прво ќе направите откако ќе помине овој период, многумина одговорија дека ќе ги гушнат најблиските, ќе шетаат во природа, ќе одат во кафеана и на кафе со пријателите

Покрај стравот и паниката, коронавирусот разбуди нови чувства кај сите нас. Многумина сфатија што значи слободата, прошетките со најблиските, кафињата со пријателите, раката на баба на лицето, првото утринско кафе со колегите...

Дека овие навидум мали нешта го прават животот убав и дека токму тоа ви недостига во овие времиња ни покажа и онлајн-анкетата на која добивме речиси 300 одговори. Што прво ќе направите откако ќе помине корона-кризата и што ве научи времето поминато во изолација и социјално дистанцирање?

На првото прашање: Што прво ќе направите откако ќе помине овој период, многумина од вас одговорија дека ќе ги гушнат најблиските, ќе шетаат во природа, ќе одат во кафеана и на кафе со пријателите.
Но, еве дел од најинтересните одговори:

- Полагање испити, дружба со пријателите (21 година, Скопје).
- Ќе ги прегрнам најблиските со кои не можам сега да се видам (19 години, Демир Капија).
- Беспомошно ќе гледам како човештвото се враќа на старите навики (25 години, Охрид).
- Ќе ја посетам мојата мајка, која има 88 години (63 години, Скопје).
- Ќе ја применувам лекцијата што ни ја даде ситуацијата, а тоа е солидарноста. Но, прво што ќе направам е да се видам со луѓето што ми се битни (21 година, Скопје).
- Прво ќе излезам на сонце. Потоа прошетка на планина и ќе ја посетам баба ми, која во периодов воопшто ја немам видено, и другарите исто така. Ќе ги реализирам патувањата што ги откажав поради пандемијата. (26 години, Скопје).
- Ќе си ја скратам косата (46 години, Скопје).
- Ќе аплицирам за туристичка виза за САД (26 години, Скопје).
- Ќе го испијам спокојно кафето (30 години, Велес).
- Заедно со моето друштво ќе одиме со трчање во „Ројал“ (17 години, Скопје).
- Ќе си ги побарам саканите и блиските да ги гушнам, кај и да е. ќе почнам да садам цвеќиња, вежбам и ќе продолжам да вежбам, ќе излегувам почесто во природа. (30 години, Скопје).

Ве прашавме и што ве научи кризата со коронавирусот. Повеќето од вас одговорија дека научиле како правилно да ги мијат рацете, да внимаваат повеќе на личната хигиена, но и дека здравјето е најважно од сè.

Еве дел од највпечатливите одговори:
- Дека системот кој е базиран на индивидуално добро не може да успее во една ваква борба во природата. И дека во училиштата треба повеќе да се посвети внимание за учениците да стекнат чувство за солидарност и послушност. И, исто така, ќе додадам дека оваа криза ми покажа колку речиси сѐ во светот сме приспособиле на нашите потреби и желби што направи да заборавиме дека не сме сами на планетата и дека и некој друг се бори за да преживее. Планетата Земја не е хотел во кој плаќаме за да ни биде удобно. Тука сме со огромен број живи суштества кои исто така сакаат да опстанат на оваа планета. Ние сме во криза бидејќи научивме да се бориме за комоција, а не за опстанок. Опстанокот го земавме здраво за готово. (23 години, Скопје).

- Дека можело и вака. Животот не е бркање (23 години, Скопје).

- Дека нема разлика дали си богат или сиромашен, туку дали имаш или немаш памет! (49 години, Битола).

- Коронавирусот нè научи што е всушност најважно на овој свет, а тоа се здравјето и фамилијата! (32 години, Битола).

- Кризата ме научи дека џабе правиме планови за иднината. Кога дојде новата 2020 година, многу луѓе очекуваа дека ќе биде добра година, најмногу затоа што е јубилејна. А сега веќе во третиот месец се соочуваме со голема неизвесност од секој аспект, не само здравствениот: учениците не знаат дали ќе го завршат полугодието, матурантите дали ќе матурираат, студентите дали ќе ги положат испитите, работниците дали ќе останат без плата/без работа и дали сите ќе мора да издржиме нова економска криза... (23 години, Скопје).

- Треба повеќе да го цениме времето поминато дома заедно со нашите најблиски, да не ги потценуваме основните средства за живот како храна, чиста вода и воздух, средства за лична хигиена и најважно - да не бидеме себични и да мислиме на општественото здравје. (19 години, Охрид).

- Да ја ценам мојата слобода, да бидам посвесна за јавната одговорност и туѓото здравје. Да го користам секој слободен момент за да се дружам со семејството, а не само во карантин. (20 години, Гостивар).

- Подобро минијатурна куќа со дворче отколку луксузен стан. Никогаш нема да купам стан! (30 години, Битола).

- Треба повеќе да ги цениме „ситниците“ во животот. Досега не сфаќавме колку значи тоа да излезеш слободно и да испиеш кафе со луѓето што ги сакаш без да се плашиш. (30 години, Ресен).

- Дека е тешко кога секојдневно се плашите за животот на саканите (32 години, Скопје).

- Пред некој месец не мислев дека пролетта, а очигледно и почетокот на летото ќе ги поминам во миење раце, параноја и страв за себе и за најблиските. Затоа ќе кажам дека животот е навистина краток и ќе се обидам да го живеам со помалку долгорочни планови, да живеам во сегашноста. (26 години, Скопје).

- Дека многу е важно сите да се држиме заедно и дека ако еден ги прекрши правилата, сите ќе настрадаме! (22 години, Скопје).

- Во секојдневната трка по пари и безброј материјални нешта заслепени од ненаситни желби и потреби и неблагодарни за тоа што го имаме, ја заборавивме важноста на здравјето, семејството, мирот и слободата.
(30 години, Скопје).

- Сите сме еднакви и немоќни пред природата! (42 години, Њујорк).

- Дека најважните работи во животот не се купуваат со пари. Тие се заработуваат со благодарност, прошка и љубов. (21 година, Свети Николе).

- Ништо не е толку важно како здравјето. Прифати ја непостојаноста на животот - го имаш само она што е сега (за минута може да се случи нешто и сè да биде поинаку), а истовремено и однесувај се така (со почит) кон светот и другите, а не како да си семоќен. Причината поради која корона-кризата настана и успеа да прерасне во глобална криза е всушност фактот што никој не беше изоставен од опасноста, вирусот ги зарази и сиромашните и богатите. Токму затоа и светот (богатите, „семоќните“) се стаписа од страв. (26 години, Скопје).

- Дека речиси сѐ може да се заврши од дома. (27, Скопје).

- Дека и дома може да ти биде како во кафеана ако знаеш да направиш добро мезе (27, Велес)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема