X
 12.12.2022 Живот

Приватните превозници бараат средба со премиерот, можна радикализација на протестите

Приватните автобуски превозници сѐ уште протестираат со блокада на булеварот „Илинден“ околу Градот Скопје. Откако не беше одговорено на нивното барање за средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, тие чекаат да бидат примени од Владата.

Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“ изјави дека се надева на средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе зборуваат за актуелната состојба. Доколку не се оствари средбата, можно е и да се радикализираат протестите.

-Не знаеме кога ќе бидеме повикани. Тоа е на нив, во зависност од обврските на премиерот. Не сакам ни да помислам на тоа што доколку не нѐ повикаат. Најверојатно ќе има радикализација на протестите, но сепак претходно треба да се состане координативното тело на приватните превозници и да ги договориме понатамошните чекори - посочи Муриќ.

Тој напомена дека блокадите се повлечени од крстосниците „Мавровка“ и „Црвен крст“ со цел да се намали хаосот во сообраќајот и да им се овозможи на граѓаните полесно движење.
- Тука сме на булеварот „Илинденска“, каде што ќе дежураме 24 часа и така ќе продолжиме сѐ додека нема некој позитивен чекор напред во однос на нашата состојба. Се надеваме дека претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ќе нѐ прими на средба. Ние во петокот уредно доставивме барање да нѐ прими. Од Градот, за жал, како и досега апсолутно никаков интерес да се обидат да ја решат состојбата во која се наоѓаме - изјави Муриќ.

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ почнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат повторно да почнат со работа.

Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година направија поголема блокада со поставување околу 200 автобуси на неколку главни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен крст, како и булеварот „Илинден“. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и останаа да протестираат само на бул. „Илинден“ во околината на Град Скопје.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот