X
 16.10.2020 Живот

Само да нема карантин: Како Европа се спротивставува на строгите забрани против Ковид-19?

Со оглед на тоа што низ Европа се бележи нагло зголемување на бројот на заразени со коронавирус, владите бараат компромисни решенија да се спречи ширењето со ограничувања во моменталните жаришта.

Властите избегнуваат строги забрани и затворање во обид да ја заштитат економијата и да го намалат отпорот на јавноста, која е „уморна од пандемијата“.

Во последните три недели Англија забележа четирикратно зголемување на бројот на заразени и сега има повеќе хоспитализирани пациенти отколку во март, кога владата воведе целосен карантин низ земјата.

Велика Британија, како и поголем дел од Европа, продолжува да спроведува локални ограничувања, правејќи сѐ што е можно за да избегнат затворање на училиштата и воведување строги мерки на ниво на цела земја.

Слично на тоа, земјите низ Европа бараат компромиси во обид да го спречат повторниот раст на инфекциите и приемите во болниците, додека се соочуваат со поизразен гнев и фрустрации од компании и поединци, повеќе отколку пролетва.

Франција посочи дека може да воведе нови ограничувачки мерки бидејќи властите објавија рекордни нови 27.000 случаи во саботата, во период од 24 часа, додека бројот на хоспитализирани лица во понеделникот надмина 8.600, првпат од крајот на јуни.

Во Шпанија, социјалистичкиот премиер Педро Санчез во петокот повика на итни овластувања за да се спречи патувањето во Мадрид и надвор од овој град. Мадрид пријави повеќе од 20.000 нови случаи во последните седум дена, што е една од најпогодените области во текот на вториот европски бран.

Германија во понеделникот го додаде Минхен на растечката листа со „црвени“ зони, што ќе донесе нови ограничувања. Во Италија премиерот Џузепе Конте исклучи уште еден карантин на државно ниво, нагласувајќи дека ако биде потребно, ќе воведе локализирани ограничувања.

Со ширењето на вирусот во Европа расте и отпорот кон новите мерки, а јавните здравствени власти тврдат дека заморот е вистински предизвик за земјите што се обидуваат да спроведат нови мерки, избегнувајќи целосен карантин.

корона
Фото: Freepik

Вртејќи се околу економскиот, емоционалниот и физичкиот напор поради пролетните мерки што практично ја стопираа Европа, владините официјални лица низ цел континент сега се соочуваат со не толку послушна јавност. На некои места се прифаќаат новите мерки, иако неволно, бидејќи алтернативата (карантин во цела земја) би била само полоша. Но, постојат сомнежи дека јавноста не би се согласила на толку драстичен чекор, особено во демократските земји каде што владите на крајот им одговараат на гласачите. Сомнежот во јавноста е поттикнат од неуспехот на владите во многу земји да испорачаат многу ветувања за мерки како што се следење на контактите, тестирање и слично.

Болниците низ Европа во голема мера добро се справија, но како што се зголемува бројот на случаи, се очекува да се зголеми и притисокот, што ги тера властите да побараат од граѓаните да се фокусираат на хигиенските правила и правилата за физичко дистанцирање.

Бидејќи земјите од Шпанија до Украина забележаа рекордно зголемување во последните денови, властите не сакаат повторно да воведат ограничувања и мерки за забрана. Наместо тоа, фокусот е ставен на локалните мерки поради загриженоста дека новиот карантин ќе значи и нов удар врз економијата, како и немири во јавноста која е изморена од пандемијата. На властите им преостанува да упатат молби до жителите да бидат внимателни.

Променетите ставови кон мерките за ограничување покажуваат дека властите стануваат сѐ посигурни во разбирањето на тоа како се шири Ковид-19, додека сѐ повеќе експерти за јавно здравје тврдат дека повеќемесечниот карантин не е одговор за болеста чие пренесување сега е повеќе познато отколку пролетта.

Во март медицинските научници не знаеја доволно за начинот на ширење на вирусот и токму поради тоа поддржаа сеопфатни строги мерки за ограничувања и забрана како алатка за купување време. Тогаш не се знаеше многу за тоа кои возрасни групи се најголеми носители или кои интервенции би дејствувале. Денес постои широк консензус за овие прашања.

Светската здравствена организација веќе долго време се залага за интервенции што предизвикуваат помалку економски и социјални нарушувања, препорачувајќи им на владите да ја следат стратегијата „тестирање, следење, изолирање“.

Но, во речиси сите европски земји и понатаму се прават премалку тестови, додека истражувањата во август покажаа дека само петтина од заразените во Велика Британија постапиле во согласност со правилата за самоизолација.

Извор: Nedeljnik.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот