Настинката се чини безопасна, но станува збор за заразна болест од вирусно потекло која не се лекува со антибиотици, пишува „Еклиника“. Вирусот обично влегува во телото преку носот, стигнува до клетките и почнува да се репродуцира.
Под влијание на вирусот, клетките произведуваат молекули што доведуваат до воспаление во горниот респираторен тракт и симптоми на настинка. Можно е болеста брзо да исчезне, но и на некој начин да се врати поради несоодветен третман и преостанати секрети.
Што се случува кога одредени количини слуз остануваат во носот?
Настинката во просек трае околу една недела, а експертите предупредуваат дека е можно по оздравувањето да останат одредени количини секрет во носот и во синусите. Постназалната секреција е предизвикана од прекумерно лачење на слуз, кое потоа се таложи во задниот дел на носната шуплина и продолжува да тече низ грлото.
При настинка телото се обидува да се ослободи од инфекцијата и да ги смири синусите со вишок слуз. Се случува симптомите на настинка да исчезнат за една недела, но одредени количини слуз да останат во синусите и во носот.
Како се бори телото против преостанатиот секрет?
- Имунолошкиот систем се обидува да го отстрани вирусот од телото со вишок слуз. Дури и кога сме здрави, одреден дел од слузта тече низ грлото, со тоа што слузта што ја произведува телото во заболена состојба е многу погуста и леплива. Откако ќе се ослободиме од вирусот, дел од таа густа слуз може да остане во носот и во синусите. Со кивање и кашлање, телото се обидува да го исфрли вишокот секрет - вели д-р Кристофер Томпсон, оториноларинголог во болницата „Провиденс мишн“ во Калифорнија.
Експертите нагласуваат дека слузта што ја создаваат алергиите во грлото е воденеста и проѕирна, додека кај настинката најчесто е густа и има жолто-зелена боја.
Како правилно да се лекува настинката?
Количината на слуз за време на настинка зависи од неколку фактори, како што се генетиката, видот на вирусот и должината на времето кога вирусот е активен, објаснува д-р Брајан Каплан од медицинскиот центар „Грејтр Балтимор“. Можеме да се ослободиме од вишокот насобран секрет по настинка со практикување здрави животни навики.
Лекарите советуваат да се пие доволно количество вода бидејќи на тој начин можеме да го разредиме и полесно да го исфрлиме преостанатиот леплив и густ секрет. Одморот е често занемарен фактор за закрепнување, но лекарите нагласуваат дека потребната енергија за квалитетно закрепнување од болеста можеме да ја обезбедиме само со доволно сон и со избегнување тежок физички напор.
Внимавајте при користењето назални спрејови
Ако чувствуваме болка или притисок во синусите, д-р Томпсон препорачува да се нанесуваат топли облоги на очите и на носот. Назалните спрејови може да бидат корисни, меѓутоа, лекарите нагласуваат ваквите лекарства да не се користат подолг временски период.
Се советува консултација со лекар доколку кашлицата трае над 10 дена по настинката.
Извор:
Eklinika
Насловна фотографија: Freepik