Луѓето низ историјата верувале дека Земјата ја носат 3 китови, христијаните веруваат во светото тројство, а денес сме сведоци дека животот и природата може да се опишат преку 3 пристапи: наука, религија и уметност.
Седиме со Борис во „Лонг плеј“ во Аеродром и пиеме пиво едно летно попладне. Од звучниците се слуша „Nedelja popodne nogometni dan“ од „Азра“ и ние се трудиме да ја објасниме целата ситуација. Покрај нас на другата маса, две девојки си ги подигнале нозете и уживаат во пладневното сонце. Едната е во тренерки, а другата во кратка сукњичка и малку ни ги матат мислите. Од пазарот, низ паркинг поминува автомобил со силна гас и големо брмчење кое го нарушува спокојот, инаку толку познат за Аеродром каде никогаш ништо не се случува.
Борис вика дека свештените лица се убедени во креацијата и дека Биг бенг е потврда за тоа. Двајцата сме го читале Стивен Хокинг и знаеме дека не е така. Барем во книгата, Хокинг го побива постоењето на момент на креација иако не сме многу сигурни во значењето на “имагинарно време”. Тоа што го разбравме е дека Хокинг се согласува со Ајнштајн и теоријата на релативноста од каде произлегува дека Биг бенг се случил. (Постоењето на Биг бенг сепак се зема за веродостојно од откритето на Едвин Хабл дека галаксиите се оддалечуваат). Хабл го забележал црвеното помсетување, што означува дека одредена галаксија ја менува својата местоположба, па светлината која пристигнува до Земјата има различна фреквенција во својот спектар. Кога било утврдено дека галаксиите се оддалечуваат, логично следи дека во одреден период назад во времето тие сите биле во една точка.
Тоа што Хокинг го објаснува е времето. Хокинг тврди дека времето е димензија на постојниот универзум и дека надвор од универзумот времето не постои. Откако се случил бенгот, времето почнува да тече. Пред тоа нема ништо и прашањето “а колку време се чекало на Биг бенг” едноставно не постои. Тоа прашање е оксиморон.
На Борис му е интересно од уметнички аспект да го замислува Биг бенг, па и целиот универзум како едно нешто кое се вклопува самото во себе. Единствено што “нѐ чеша” во муабетот е имагинарното време од квантна механика кое не го разбираме до крај. Што ли значи имагинарно време (кое стои под прав агол на графикон со реалното време) и дека во секој момент од реалното време можни се случувањата од сите можни истории во имагинарното време ?
- Келнер, донеси уште две пива.
Палам нова цигара и се вртам кон девојките од соседната маса. Што да видам, тие се уредно облечени, со кесите од продавници и го допиваат кафето пред да си одат.
Мене ми е многу интересен оној момент кога почнал да се мери интергалактчкиот шум. Со помош на овој шум (тоа е истиот шум кој се јавува на телевизорот кога немате селектирано одредена програма), научниците сакале да ја одредат местоположбата на Земјата во однос на Биг бенг. Имено, од која страна доаѓа посилен сигнал, од таа страна се случила експлозијата.
Резлутатите биле вчудовидувачки. Силата на шумот била еднаква, без разлика на која страна ќе се насочат инструментите за мерење!
Е тоа, тоа.... вика Борис смеејќи се. Па можно ли е, навистина да сме центар на универзумот. Се смееме двајцата и си велам, нема шанси старите наши да биле во право со тоа што го запалиле Џордано Бруно.
Но, не ќе да е така. Од сите снимки што го гледаме, од телескопот Хабл па до компјутерските симулации на НАСА, сигурно дека не сме центар на универзумот.
Останува да ја решиме геометријата. Како би изгледало геометриско тело со центар во секоја негова точка?
Одговорот не е научен.
Соберете ги сите луѓе на оваа планета и поставете ги на една полјана. И не мора да е рамна полјана. Не мора дури ни да ги соберете. Погледнете од сателит кон Земјата и гледајте ги само луѓето.
Сите луѓе на оваа планета ставени во едно, претставуваат геометриско тело со центар (его-центар) во секоја негова точка.
Пишува: Мирко Тодоровски