За да бидеш студент, треба индексот да ти е книшката што најмногу ја сакаш, а не членската од партија
Денес е првиот академски час на универзитетите низ државата. Наместо како свечен чин за вовед во научните води, студентите го започнуваат обременети со грижи и проблеми. Поминаа речиси 5 години од студентските протести во 2014, беше одамна, ама мислевме дека промената е на дофат. Низ нашите студии цело време кажувавме: „Нешто е гнило во УКИМ“. Читам статија на Факултети.мк како многу малку од студентската борба е преточена во конкретни реформи, а како и реформите, доколку се направени на хартија, тешко се спроведуваат. Држава која го омаловажува, понижува и потценува СТУДЕНТОТ е на сигурен пат за пропаст. Академијата е во криза, имаме општество во кое владее антиинтелектуализам, клиентелизам и корупција во високото образование. За да бидеш професор и дел од заедницата, треба да имаш и образ, а не само суета. За да бидеш студент, треба ИНДЕКСОТ да ти е книшката што најмногу ја сакаш, а не членската од партија.
Кирил Дончов
Универзитетот треба да е слободен, не за мали диктатори да покажуваат сила и да бидат недофатни, слободен универзитет е слободен да твори, истражува и иновира. Слободата кај нас е сфатена како безредие, а всушност слободата е одговорност. Не е само да си интелектуалец кога ќе те викнат на телевизија. Нашите интелектуалци треба да сфатат дека за целокупната слика важно е и поведението. Дали си се борел за студентите, науката, академијата. Додека на „Оксфорд“ сега мислат кој е следниот предизвик за човечкиот ум, кај нас мислат кога ќе стигне сапунот во факултетското веце. Изгледа кај нас важи онаа: Ако сакаш да видиш колку е напредната една цивилизација, влези во тоалетите.
Проблемот започнува од моментот кога младите умови, кои во идеални услови се жедни и гладни за знаење, се запишуваат на факултет со приказните дека ќе најдат работа и успех само доколку легалистички и математички ги поминат сите патеки на високото образование. Наместо место за судир на идеи, универзитетот станува фабрика за производство на умови кои ќе им служат на некои интереси, а не да им служат на своите сограѓани и на општеството како водачи во сферата на науката.
Егзистенцијалните проблеми ги надминуваат интелектуалните предизвици, и студентите се заробени да мислат дали ќе добијат место во студентски дом или како ќе го поминат месецот со неколкуте тегли ајвар испратени од тешко заработените средства на нивните родители.
Како што во една драма се вели: „Сите продаваа по една кеса крв и еден бубрег, само за да стигнат во главниот град“. Амбицијата е сведена на минимален преживувачки инстинкт наместо да е канализирана во еден здрав младешки бран за прогрес.
Слободниот универзитет најпрво се одликува со две нужни работи: квалитет и критичка мисла. Квалитетот е оној што на некој начин го гради имиџот на универзитетот, добриот глас се слуша насекаде и сите дознаваат дека тоа е место каде што се негува човечкиот ум во сите негови варијации.
Критичката мисла оди рака под рака со оваа квалификација, благодарение на неа, универзитетот може без страв да влегува во полињата каде што досега не допрел, може да биде вистински двигател на промени. Кога ќе се споменат Харвард, Јеил, МИТ, првин гледаме колку нобеловци, оскаровци, претседатели, научници, академици тие произвеле. Тоа е личната карта на универзитетот која сведочи за квалитетот. Второ е општествените движења и промени што ги имаат направено генерациите кои поминале низ вратите на овие престижни институции, а тоа не е возможно без критичката мисла.
Судрени сме со ситуација каде што универзитетот е комплетно одвоен од својата смисла. Имено, како што професорот Ристо Солунчев знаеше да каже: „Универзитетот треба да произведува луѓе кои кога ќе излезат оттаму, ќе се спремни да го менуваат светот“. Смислата на универзитетот е толку далечна од студентот кој денес како бруцош седнува на факултетските клупи, што се сомневам дека и во текот на неговото четири или повеќегодишно студирање тој ќе ја дознае. Професорите не се трудат на студентите да им ја кажат смислата на просторијата во која се наоѓаат. А зградата (на универзитетот), која е само форма, е бесмислена ако во неа ја нема содржината (што навистина е универзитет).
Пишува: Кирил Дончов, поранешен студентски активист и наставник