X
 13.01.2021 Колумни

КОЛУМНА на Билјана Стојческа: Кои се желбите на младите за 2021?

Не е дека младите не се свесни што значи подобро образование, туку имаат недоверба во системот дали тоа може да се постигне. Оти под подобро образование се подразбира да немате наставници од 20 век кои образоваат ученици од 21 век, тоа е како 100-годишен јаз. Под подобро образование се подразбира инвестиција во вештини за комуникација и застапување за младите да можат да побараат што им треба и да поттикнат промени..

Пишува: Билјана Стојческа, член на тимот на „Младински сојуз“

2020 заврши со китењето на младинската елка на желби пред Собранието на Република Северна Македонија. Четворица млади луѓе прикачија желби на четириесетина млади луѓе. А инаква беше идејата. Сè започна со желба „Сакам да има елка за Нова година каде што младите ќе си ги запишуваат желбите, а политичарите ќе ги читаат“. Убава идеја. Ама живееме во пандемија, па #дабидемеодговорни беше наша препознатлива тараба цела година, ќе имаме елка, желбите виртуелно ќе ги собереме, а ние ќе ги прикачиме симболично на елката. 2021 започна со дожд, ги изми желбите на младите од елката. Тоа се вика македонска алхемија. Има надеж, нема среќа.

Според Брима галуп, индексот на среќа во нашата држава изнесува -3%, а индексот на надеж изнесува +24%. Ми фалеше само информацијата колку млади биле вклучени во анкетата. И да, имаа младите желба на елката да имаме СРЕЌНИ МЛАДИ. А што ги прават младите среќни дома? Најважен фактор за среќа им е да се здрави, и физички и психички. Ако среќата е мерка со субјективна димензија, здравјето се мери со конкретни индикатори и од стручни лица. Е таму каде што мерат здравје, поделени се мерките за деца и возрасни, оставајќи многу млади луѓе кои се борат со различни здравствени проблеми сами во нивниот најранлив момент. Од друга страна, на тема здравје во 2020, најчестиот контекст во кој беа поставувани младите беше неодговорност. Некако без да сакам дојдов до заклучокот дека на младите за среќа им треба здравје, ама тие се неодговорни и затоа немаат здравје и затоа не се среќни. Следен фактор за среќа според младите е да имаат добри односи со пријателите и семејството. Критичната 2020 ги измеша термините, па имавме социјална дистанца наместо физичка дистанца. „Новото нормално“ ги принуди младите луѓе на онлајн „дружба“ со своите пријатели. Ваквите долгочасовни дружби, па предавања, па дружби дополнително придонесоа за напор и реорганизација на семејството. Па оттука, драго наше општество (ова значи јас, ти, сите ние), треба да инвестираме во ЗДРАВЈЕТО НА МЛАДИТЕ и во обезбедување можности за градење врски меѓу МЛАДИТЕ И МЛАДИТЕ, МЛАДИТЕ И СЕМЕЈСТВОТО, МЛАДИТЕ И ОПШТЕСТВОТО.



На елката имавме желби кои беа претставени како грижи, или како невозможни желби. „Да имаме ПОДОБРО ОБРАЗОВАНИЕ, ако е тоа возможно“, желба на млади за 2021. Иако пред пандемијата младите се соочуваа со сè поголемото несовпаѓање помеѓу знаењата и вештините што ги стекнуваат во текот на нивното образование и потребните за нивно вработување и живеење, денес под сенката на Ковид-19 младите луѓе се надвор од образовните институции. Не е дека младите не се свесни што значи подобро образование, туку имаат недоверба во системот дали тоа може да се постигне. Оти под подобро образование се подразбира да немате наставници од 20 век кои образоваат ученици од 21 век, тоа е како 100-годишен јаз. Под подобро образование се подразбира инвестиција во вештини за комуникација и застапување за младите да можат да побараат што им треба и да поттикнат промени. Под подобро образование се подразбира дигитално поврзување и дигитално учење, кои ги шират можностите на младите луѓе. Под подобро образование се подразбираат еднакви можности за сите млади. И јас се двоумам, можно е?

Помислив, добро, имаме стандардни желби од младите. Тогаш слушам, ПОДОБРУВАЊЕ НА БЛАГОСОСТОЈБАТА НА МЛАДИТЕ. Многу повторуван збор е благосостојба, ама младите си имаат своја дефиниција за нивната благосостојба. Ги истакнаа основните потреби како храна, дом, безбедност за самостојни млади. Оваа генерација млади веруваат дека ќе имаат добра благосостојба доколку имаат квалитетна животна средина, имаат пристап до вистинските информации и имаат можности базирани на еднаквост, слобода, права. За исполнување на желбите, важно е колку и како се посакуваат. И да посакаш благосостојба е сериозна желба, па дури и за Нова година.

Не дека недостигаа желбите како МОЖНОСТИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ, ДОВОЛНО ПАРИ ЗА КОМФОРЕН ЖИВОТ, ОТВОРЕНИ ВРАТИ ЗА УЖИВАЊЕ ВО СОЦИЈАЛНИОТ ЖИВОТ, МОЖНОСТИ ЗА РЕКРЕАТИВНИОТ ЖИВОТ, ама да посакуваш, пред сè, среќа, здравје, знаење за сите, а си млад - е искрена верба дека има шанси. Верувам дека 2021 ќе биде година исполнета со предизвици, ама ајде да ја започнеме со младите! Сакам во 2021 младите да имаат клучна улога во нашето општество и со оправдана доверба во нас, во системот! Посакувам во 2021 младите да си ја сакаат својата дома, да им биде место каде што ќе бидат СРЕЌНИ МЛАДИ!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни