X
 15.06.2020 Колумни

Колумна: Што ни покажа уште еден крај?

Вака испишано сценариото, особено последниве месеци, ги диктираше сите ролји во деформиран приказ - ученици, родители, ние. На врвот, Тие. Задоволни се, велат. Сѐ е во ред. Сѐ е според сценариото и сите се среќни. И за наесен е сѐ подготвено, кои и да се условите. Универзално, добро старо сценарио кое ние, наставниците, можеме да го препознаеме. И да го одмолчиме, исто така.

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Уште еден чин од воспитно-образовната сага заврши. Многу се пишуваше и зборуваше за корона-ужасот кој трае веќе толку долго, што се чини бескрајно. Затоа во оваа пригода нема да пишувам за него и за она што го дефинираше комплетниот животен амбиент во последниве месеци - сѐ е кажано и ако се сака да се прифати онака како што треба и како што навистина е, сѐ е јасно. Толку многу јасно, што е нестварно. Затоа, сега од дистанца на даскал кој наназад ја гледа годината која тукушто финишира, ќе апострофирам неколку според мене важни аспекти кон кои искрено се надевам (а со кои, со оглед на реалните околности, ќе се соочуваме и наесен) ќе се фокусираат сите чинители, од кои секој со своја ролја е дел од сценариото кое во основа живот значи.

Елизабета Секирарска

Нејсе. Ученици, родители, наставници, надлежни институции. Носители на дејството, секој со свој момент, своја улога, своја реплика, свој глас или свој безгласен момент на статист. Како се изигра овој чин, се заслужи ли аплауз? Кој е сценаристот, а кој актер, всушност? Зошто штиците што знаење и поглед на свет значат останаа празни, ако добро се погледне и, секако, ако се сака тоа да се признае? Дали завесата се спушти, а сите оние што истовремено се и актери и аудиториум премолчано апалудираат иако длабоко во себе знаат дека ова сепак не беше најдоброто сценарио? Немам редослед во толкувањето на улогите за сите чинители затоа што сметам дека ликовите истовремено се испреплетуваа и секој на свој начин го водеше дејството кон крајот. Оној крај кој, би рекла, со нетрпение се очекува секогаш кога сценариото се развива на начин поради кој сите ја чекаат завесата и со олеснување ја напуштаат сцената. Во меѓувреме, се проѕеваат во напор да останат будни и ѕиркаат кришум уште колку има до крајот. Сѐ на сѐ, едно сценарио кое по завршувањето на чинот заслужува да се разгледа, особено поради фактот дека има многу голема можност наесен да се развива и репризно издание. Поради тоа:

1. УЧЕНИЦИ.

 

Во секое воспитно-образовно сценарио - носителите на главната улога. Заради нив се пишува сценариото. Како ќе ја изиграат доделената улога, зависи од стабилноста, сериозноста и возможноста на замисленото сценарио, секако, соодветно на нивните можности, афинитети и степен на одговорност. Ако се погледне годината зад нас, треба да си поставиме неколку прашања: Пред сѐ, дали она што го поставивме пред нив последниве онлајн-месеци беше она за кое тие се подготвени по сите основи – претходни сознанија, степен на интерес, технички аспекти на контактот? Дали додека се гледавме преку монитор или со употреба на други алатки за комуникација со нив успеавме да ги допреме на начин поради кој нивната одговорност сама по себе ќе е императив, од една едноставна причина – сме ги научиле да се со нас? Навистина со нас.

Не затоа што мораат. Дали задачите што ги добиваа од секој од нас беа она што нивната улога во сценариото го подразбираше? Зошто беше најважно дали се вклучени, затоа што тоа по автоматизам не носи со себе градење на нивниот осет вистински да бидеме поврзани, наместо да запишуваме кој е тука? Дали не гледавме дека виртуелната училница се претвори во дружба со статисти, изморени, незаинтересирани, пасивни? Или гледавме, но не видовме? Дали пропуштивме да видиме дека не знаат? Зошто конечно и ним им беше поважна оценката наместо свесноста колку реално нивното однесување ја градело целата приказна и што носат од годината зад себе како ученички габарит по сите основи? Зошто не им е гајле? Го прифаќаат ли тоа со апатичен спокој на млади луѓе, несвесни колку можат да влијаат врз природата и темпото на својата улога?

2. РОДИТЕЛИ.

Улога во „мртва трка“ за престиж со улогата на учениците. Заради нив сценариото умее да добие примеси на хорор. Како ќе ја изиграат улогата која сами си ја доделуваат, зависи пак од стабилноста, сериозноста и одбранливоста на замисленото сценарио, секако, соодветно на нивните родителски апетити, степенот на сфаќање/прифаќање колку нивните деца реално знаат и да, секогаш од нивната позиционираност - по сите основи. Ако се погледне годината зад нас, треба да си поставиме неколку прашања: Зошто на родителите по социјалните мрежи им е интересно да пишуваат забавни досетки од типот: „Заврши учебната година и сега можам да одморам од пишување есеи, решавање задачи, цртање цртежи, решавање тестови, изработка на проекти или правење хербариум и сега сѐ петки си добив?“ Зошто таа интересна смисла за хумор подразбира два милиона лајкови, придружени со коментари од истиот тип? Не е ли нивната улога повеќекратна во смисла на тоа да ги поддржуваат децата во тоа што го работат, а не да работат наместо нив, од една страна, а од друга, доколку гледаат дека децата им се преоптоварени, а искрено кажано беа, да интервенираат кај нас наставниците и да нѐ потсетат дека децата не се роботи. Дека корона-ужасот влијае и врз нив. Дека семејствата станаа напорни социјални средини во кои родителите седат до глува доба за да „помогнат“ наместо да бидат со децата на оној фундаментално родителски начин во вакви времиња, толку неопходен. Дека не се во состојба да одговорат на сите обврски. Дали пропуштија да видат дека така децата не научуваат? Зошто конечно и ним им беше поважна оценката?


Зошто без пардон се повикуваа на условите, кои пак ќе кажам, се реални, ужасни и вознемирувачки, но од друга страна, истите тие услови не ги есапат како услови со иста тежина тогаш кога децата, од кои побудалеа дома нели, со нивна дозвола им се надвор, по викендички, по паркови, без заштита, во групи? Зошто ја изгубија свесноста колку реално нивното однесување ја градело целата приказна и што тие како родители придонеле во развивањето на сценариото? Го прифаќаат ли тоа со мирен спокој на родители без функција, кои не можат да влијаат врз природата и темпото на улогите на нивните деца како нивни деца, пред сѐ, а потоа и како наши ученици?


3. НАСТАВНИЦИ.

Во секое воспитно-образовно сценарио носителите на улогата на втор родител. Заради нив сценариото (би требало да) се развива во посакувана насока. Како ќе ја изиграат доделената улога, зависи од нив самите. Тоа се изградени актери. Ја знаат сцената, ги сакаат штиците што живот значат, го знаат и сценариото. Некои тукушто зачекоруваат во тој магичен свет. Имаат уште многу да учат и да ја препознаваат миризбата на оваа волшебна сцена. Ако се погледне годината зад нас, треба да си поставиме неколку прашања: пред сѐ, дали во желба да бидеме наставници со сите нишани малку го загубивме компасот, па наместо на сцената, се најдовме зад неа? Дали таа позиција нѐ принуди да ги бомбардираме децата со обврски кои, стојам зад тоа, да бевме во училницата, немаше да ги добијат во толкав обем и формат? Дали тој напор прерасна во битка за докажување наместо да остане коректен, професионален, емотивен однос со децата, заради кои срцето го оставаме во училницата? Како е можно сите со толкав интензитет да бараме максимум од нив? Дали сите ние го дадовме максимумот од себе? Зошто не? Што се смени, конечно, за да се гледаме преку нишан?

Би рекла дека е доволно да се погледнат многуте страници на просветните работници. Во нив, по илјадници членови. Членови. Не учесници. Публика. Напати и критизери, несогласувачи, а богами и озабени осудувачи на сопствениците на спротивните ставови, што резултира со повлекување на актерите кои се поставиле во позиција да бидат чуени. Следачи на сценариото, по дадени чекори и насоки. Евентуалното исчекорување – осуда наместо потврда. Го прифаќаме ли тоа со мирен спокој на професионалци кои треба да можат да одмерат каде се на сцената, колку децата можат, колку е потребно за да се верификува нивното знаење, кои инструменти за следење тоа ќе го обезбедат и како и децата и родителите да прифатат дека оценката е резултат кој се заслужува?

4. НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ.

Ја носат главната улога во нашата сага. Заради нив сценариото не ја испишува приказната во вистински, воспитно-образовен правец. Како ќе ја изиграат самододелената и загарантирана улога, зависи дали се здогледува дека успешно сценарио се испишува и реализира само со косценарист. Ако се погледне годината зад нас, треба да си поставиме неколку прашања: Иако маргинализирањето на косценаристичкиот факт е повеќедецениско, сепак, последниве месеци рефлекторите ја покажаа оваа неприкосновена вистина во најубаво светло – оној што е заседнат најгоре го има хоризонтот пред себе и тој поглед му овозможува да го здогледа подножјето, патиштата до врвот и најважното, оние што можат и умеат да помогнат да се исцрта воспитно-образовна траса која ќе даде најдобар ефект. Тоа се косценаристите.

Вака испишано сценариото, особено последниве месеци, ги диктираше сите ролји во деформиран приказ, оној што го појаснив погоре – ученици, родители, ние. На врвот, Тие. Задоволни се, велат. Сѐ е во ред. Сѐ е според сценариото и сите се среќни. И за наесен е сѐ подготвено, кои и да се условите. Универзално, добро старо сценарио, кое ние наставниците можеме да го препознаеме. И да го одмолчиме, исто така. Можеби најголем простор би требало да отстапам за оваа улога, но сепак нема. Само ќе додадам дека останувам во надеж дека врвот од кој сѐ се гледа ќе здогледа во кој правец треба да се испишат новите насоки. Дека ќе го доживееме денот кога вистински посветени сценаристи, мајстори на испишувачкиот занает, ќе бидат таму горе. Дека ќе го гледаат подножјето и ќе го негуваат, оти без него нема да го има врвот онаков како треба да е. Врв за децата.


Ќе завршам така што на сите нас, носителите на различниве ролји, ќе ни посакам мирно, спокојно, здраво лето, во надеж дека нѐ очекуваат подобри сценарија. Повистински. Посреќни. Подостоинствени. Заедно со нив, аплаузот кој ќе значи дека сме успеале.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни