X
 13.01.2023 Живот

Меѓународна истражувачка станица на Алпите до која може да се стигне само со воз и лифт

Јунгфраујо, кое се наоѓа на западниот дел од Швајцарија, според многумина е едно од најубавите места во земјата, а го нарекуваат и врвот на Европа. Овој планински врв се издигнува на висина од 4.158 метри, а на височина од 3.454 метри се наоѓа највисоката европска железничка станица, како и импресивна опсерваторија.

1
Фото: Wikipedia

Планинските врвови се класичен пример за сурова средина која е идеална за различни истражувања, од физиолошки до астрономски. Кога станицата Јунгфраујо била отворена во 1912 година, таа им овозможила на љубопитните научници лесен пристап до голема надморска височина.

Опсерваторијата наречена „Сфинга“ била изградена на шокантно стрмна карпа во 1937 година. Со неколку лаборатории, метеоролошка станица, астрономски куполи и телескоп од 76 см, оваа опсерваторија била користена за проучување на глациологијата, медицината, физиката на космичките зраци и астрономијата.

Со текот на годините, „Сфингата“ била унапредена и приспособена на потребите на научниците. Денес опсерваторијата е целосно опремена со струја, вода, телефон и интернет.

2
Фото: Facebook

До меѓународната истражувачка станица и опсерваторија може да се стигне со воз и ултрабрз лифт кој се искачува на висина од 108 метри за 25 секунди. На патот кон „Сфингата“ посетителите не мора да решаваат загатки како во приказните за ова митолошко суштество - тоа можат да им го препуштат на истражувачите.

Доволно е да уживате во погледот на околните врвови. Панорамскиот поглед од решеткавата тераса се протега до снежните Алпи, зелените долини и глечерот Алеч, најдолгиот на Алпите, кој се протега до Германија и Италија.

3
Фото: Facebook

Извор: b92.net
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот