X
 22.10.2019 Живот

Јапонскиот цар Нарухито го презеде Престолот на хризантемите

Јапонскиот цар Нарухито официјално го презеде Престолот на хризантемите на церемонијата одржана во царската палата.

Церемонијата на тронизирање на Нарухито како 126. цар во најстарата светска монархија претставува врв на ритуалното предавање на престолот откако неговиот татко Акихито абдицира во мај.

Околу 2.000 гости, меѓу кои и странски државници, присуствуваа на церемонијата.

Царот Нарухито и неговата сопруга Масако, поранешна дипломатка школувана на „Харвард“, посетија три светилишта во палатата за да им се поклонат на шинтоистичките богови.

Во чест на крунисувањето, јапонската влада прогласи аболиција на околу 550.000 луѓе осудени за помали кривични и прекршочни дела.

Престолот наречен Такамикура е 6,5 метри висока украсна структура. Престолот на хризантемите го добил името по цвеќето што се наоѓа на јапонскиот грб.

Царот Нарухито (59) го презеде тронот на 1 мај од неговиот татко, 85-годишниот Акихито, кој абдицира од тронот поради својата возраст и нарушено здравје. Тој беше прв јапонски император што абдицирал во последните 200 години.

Јапонскиот цар Акихито и царицата Мичико драматично ја модернизираа монархијата и значително ја зголемија популарноста на династијата. Акихито ја прекина традицијата речиси во сè, од венчавка со својата љубов која не е благородничка до извинување за јапонските воени злосторства.

Јапонската влада издвои околу 16,1 милијарди јени (148 милиони долари) за церемониите поврзани со наследување на тронот што ќе се одвиваат цела година.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот