X
 13.02.2020 Живот

Дали има работа за младите во ЕУ? Кој има проблеми, а кој ужива?

Иако Балканците често мислат дека во западните земји „тече мед и млеко“, искуството на некои нивни државјани кажува нешто друго: во Европската Унија младите сè потешко наоѓаат пристојна, постојана работа и покрај тоа што припаѓаат на бранот екстремно образовани генерации.

ЕУ-програмите за млади настојуваат секоја личност помлада од 25 години да добие шанса за вработување, како и подобра едукација или повеќемесечна обука. Засега 14 милиони луѓе ја прифатиле понудата, но и понатаму владее значителна невработеност меѓу младите, особено во Јужна Европа.

Според податоците од август 2019 година, невработеноста меѓу младината е забележана во 28 ЕУ-земји, а изнесувала 14,2 отсто.

Јужна Италија има голем проблем


Оваа земја се наоѓа меѓу најлошите кога станува збор за невработеноста меѓу населението, со 27,1 отсто. Владата се надева дека програмата ќе донесе значајни промени, но самата шема е критикувана бидејќи помалку е вклучено вработување со полно работно време, а повеќе пракса и обука.

Од владата напоменуваат дека е важно да зајакне социјалната политика, која мора да се грижи за младите и да им помогне при образованието и обуките.

Речиси сите јужни делови на европските земји се во полоша положба од северните региони, па така не е исклучок ни Италија. На југот се невработени речиси половина од младите на возраст од 15 до 24 години. Сепак, постојат и такви што ги земаат работите во свои раце.

Пјердоменико Сестро одлучил да стане претприемач бидејќи со години работел за мали пари, а бил експлоатиран. Отворил продавница со помош на проектот „Yes I Start Up“ на ЕУ-Програмата за млади, откако долго време се обидувал да добие заем од банката.

35.000 евра добил преку микрокредитната фондација „Инвиталија“.

rabota
Фото: Pixabay

Краткорочни договори, а долгорочна неизвесност

Постарите занаети изумираат, има сè помалку работа и „место“ на пазарот на трудот за средовечните луѓе, но ни младите не се во поволна позиција. Дури ни оние што се занимаваат со „модерни“ професии. Таков е случајот и со Кристина Никосија, која е менаџер за дигитален маркетинг, но ѝ се смачило работодавците да ѝ нудат краткотрајни договори.

Пред три години таа се пријавила за програмата „Растење во дигиталното“, поддржана од „Гугл“, и добила можност бесплатно да посетува курс за веб-маркетинг. Научените вештини подоцна ги искористила за 6 месеци да стажира во една компанија. На крај добила договор за постојана работа.

Конкретно во Италија планот на владата е до 2021 година да обезбеди 12.000 повеќе асистенции од странски компании за поддршка на младите, во кои тие ќе го стекнат своето знаење, а потоа и ќе бидат вработени ако добро се покажат.

Од неизвесни договори до привилегирана работа од дома

Не се сите земји од ЕУ во лоша позиција. Некои млади не искусуваат ни 10 отсто од „горчината на професионалниот живот“ како нивните врсници од другите краеви на континентот. На пример, додека секој 14. Словенец може да заработи работејќи од дома, во Хрватска оваа привилегија ја има секој 71. жител.

Работата од дома, иако за некои е идеална опција, сепак се смета за бенефит во денешното општество. Во неа најмногу уживаат Холанѓаните: дури 14 отсто од нив, односно секој седми не мора да биде во канцеларија секој ден.

Ваквиот начин на работа најмалку е застапен во Бугарија, каде што оваа можност ја користат само 0,3 отсто од населението, и во Романија (0,4 отсто).

Податоците од „Евростат“ покажуваат дека секој 19. вработен во ЕУ работи од дома, но тоа не мора да биде добра вест. Ваквата работа може да ја исклучи можноста од обврзувачки договор, како што е случај со хонорарците, и може поголем бенефит да им донесе на луѓе со изградено име во светот на бизнисот отколку на младите, кои се пробиваат и докажуваат.

Работата од дома значително е распространета меѓу постарите работници. Во ЕУ, 6,4 отсто од работниците на возраст од 50 до 64 години работеле од дома, за разлика од 5 отсто од оние што имаат од 25 до 49 години. Само 1,8 отсто од работниците помлади од 25 години работат од дома.

Освен тоа, не се сите професии еднакво привилегирани. Работата од дома е најзастапена во земјите со силен ИТ-сектор, односно во развиените земји, додека, на пример, Хрватска, Грција или Кипар имаат проблем бидејќи туризмот им е посилната страна. Јасно е дека оваа област дозволува многу малку работа од дома.

Младите од ЕУ што почнале сопствен бизнис имаат подобри шанси кога станува збор за работа од дома. Речиси 18,5 отсто од нив во 2018 година работеле на ваков начин, додека кај „класичните работници“, вработените во фирмите, овој процент изнесувал само 3. Интересен е податокот дека работата од дома е позастапена кај жените.

Извор: Biznis.telegraf
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот