X
 12.09.2018 Живот

Готово е со поместување на часовникот: Во 2019 ќе биде последното

Европската комисија денес го објави предлогот за укинување на полугодишното поместување на часовникот во ЕУ во 2019 година, давајќи им на земјите-членки слобода да одлучат дали сакаат да го задржат летното или зимското сметање на времето.

- Мораме да престанеме со поместувањето на часовникот - изјави Јункер, додавајќи дека земјите-членки ќе изберат дали сакаат да преминат на летно сметање на времето или да се вратат на зимското.

Во анкетата спроведена од Европската комисија учествуваа рекордни 4,6 милиони луѓе и повеќето се изјасниле против поместувањето на часовникот.

- Мораме да ја почитуваме желбата на луѓето - рече Јункер.

casovnik
Фото: ЕРА


На 31 март 2019 година ќе биде последното поместување на часовникот на летно сметање


Претставникот Давор Шкрлец, како член на работната група на Европскиот парламент, кој се залагал за укинување на полугодишното менување на часовникот во ЕУ, во соопштението го поздрави одговорот на Комисијата на желбата на граѓаните, од кои мнозинството се за укинување на поместувањето.

- Според предлогот на Европската комисија, секоја земја-членка до април 2019 година треба да одлучи дали има намера да го применува летното или зимското сметање на времето - вели тој.

Последното задолжително поместување на часовникот ќе биде во недела на 31 март 2019 година. Земјите-членки што сакаат да го вратат зимското сметање на времето ќе треба да направат уште едно последно полугодишно поместување во недела на 27 октомври 2019 година. По тој датум, полугодишното поместување повеќе нема да биде можно.

Комисијата предлага да се укине полугодишната промена за целата Европска Унија


- Комисијата предлага да се укине полугодишната промена за целата Европска Унија, да се постави јасна и кратка временска рамка за промените да стапат во сила и да се поттикнат консултации на национално и европско ниво, за да се обезбеди координиран пристап помеѓу земјите-членки.

Законодавниот предлог има цел да осигури дека сите промени ќе се случат на координиран начин помеѓу соседните земји-членки за да се заштити правилно функционирање на внатрешниот пазар и да се избегне фрагментација. За предлогот на Комисијата да стапи во сила навреме, Европскиот парламент и Советот на ЕУ треба да го усвојат најдоцна до март 2019 година - објаснува Шкрлец.

И Македонија ќе го укине поместувањето на часовникот

И Македонија ќе го укине зимското сметање на времето доколку оваа одлука на Европската комисија помине на Европскиот парламент и биде прифатена од земјите-членки на ЕУ.

- Стратешкиот интерес на РМ е членство во ЕУ, така што во рамките на интегративните процеси ќе се прави усогласување со сите активности и одлуки што ќе бидат донесени од земјите-членки на ЕУ во претстојниот период - велат од Владата на РМ.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот