Денеска во 12:15 земјотрес со магнитуда од 6,2 степени ја погоди Хрватска. Загреб се тресел цели 20 секунди, а епицентарот бил кај Петриња, на околу 45 километри од Загреб.
На социјалните мрежи веќе се објавени снимки од рушевините во Петриња. Глетките се страшни, половина град е разрушен. Се слушаат крици, има повредени и загинати.
Во Петриња загина и едно дете, потврди градоначалникот Даринко Думбовиќ, а пренесе хрватски
„Индекс“. Станува збор за 12-годишно девојче.
- Како да е Хирошима, ми го нема половина град. Моментално се наоѓам пред мртво девојче кое загина, чекаме помош. Извлековме мало дете од 4 години, градот е разрушен, веќе не може да се живее во него. Катастрофа, мајки плачат за децата, не знам што е во една градинка, што во друга. Сопругата ми се јави, нешто ѝ паднало на глава. Ни треба помош, ни требаат итни служби - изјави Думбовиќ.
Сите расположливи противпожарни екипи од Загреб се упатени кон Петриња, каде спасувачките служби и пожарникарите со голи раце ги пребаруваат рушевините.
Од еден станбен објект биле извлечени татко и дете кои веднаш биле хоспитализирани, но засега не се знае со какви повреди се здобиле.
Сеизмологот Крешимир Кук изјави дека овој земјотрес според ослободената енергија бил 30-ина пати посилен од оној кој го погоди Загреб во март.