Ако се усвојат измените и дополнувањата на Законот за основите на системот за образование и воспитување, од септември во Србија практична и настава по стручни предмети во уметничките и во средните стручни училишта ќе можат да држат и среднисти. Зад катедрата, исто така, ќе може да се најдат и предавачи со магистерски од која било област, па, на пример, професор по биологија ќе може да биде и некој што по основните студии на Биолошкиот факултет завршил постдипломски на економија.
Покрај овие измени, новост е и тоа што учениците, првпат во Србија, ќе се оценуваат двапати - по еднаш во секое полугодие. Ако родителите побараат објаснување за оценките, наставниците ќе мора да пишуваат изјава до директорот во која ќе образложат зошто детето ја добило таа оценка.
Новите правила, според пишувањата на српските медиуми, би требало да го ублажат проблемот со недостигот на кадар за стручните и за некои општи предмети, а кој со години е присутен во тамошните училишта.
Според предложените измени, практична настава во стручно училиште може да држи и лице со соодветно средно образование и положен специјалистички, односно мајсторски испит и 5-годишно искуство во струката. Во практика тоа би значело дека некој што завршил машинско училиште ќе може да држи настава по стручни предмети, ако ги исполнува и дополнителните два услова. Наставник по предмети во балетско училиште може да биде лице со најмалку средно балетско и 10 години искуство во играње.
Дополнително, предлозите за измените им даваат уште поголеми права на родителите. Имено, досега професорите во Србија беа обврзани, на барање на родителите, писмено да му ја образложат на директорот само заклучената оценка. Со новите одредби, родителите ќе можат да бараат објаснување за секоја оценка што ќе ја добие нивното дете во текот на школската година, а наставниците се обврзани образложението во пишана изјава да го достават до родителите. Тоа значи дека ги чека многу пишување.
Многуте случаи на врсничко и насилство кон наставниците ги принудија српските власти оценката од поведението да ја вклучат во просекот од петто, а не од шесто одделение. Во рамките на зајакнатата воспитна работа со учениците се планира и воведување на општествено корисна работа.
Кога на ученикот ќе му биде изречена мерка исклучување, школото ќе биде задолжено за тоа да го извести Центарот за социјална работа, за да можат таму да преземат мерки. Учениците против кои е покрената дисциплинска веќе нема да можат да се испишат од училиште додека трае воспитно-дисциплинската постапка. При преминувањето во друга образовна установа, податоците за воспитните мерки ќе мора да бидат вметнати во исписницата.
Фото: Pixabay