X
 15.05.2019 Образование

Во Финска наставниците имаат статус како адвокатите и докторите

Во Финска децата тргнуваат на училиште дури на седум години, а првите 6 години од школувањето не се оценуваат. Првиот стандардизиран тест го прават на 16 години. За 30 отсто од учениците во основно училиште, кое трае 9 години, обезбедена е дополнителна помош. Финските основци во текот на денот имаат дури 75 минути одмор помеѓу часовите. Средното образование трае три години, но може да се заврши и забрзано, за две, или побавно, за четири.

Надарените деца, доколку побрзо ја решат задачата, им помагаат на другите ако наставникот е зафатен. Наставниците не ги форсираат талентираните деца. Донекаде им даваат до знаење дека се посебни, но не толку за со тоа да ги обесхрабрат другите. На секои седум недели сите деца пишуваат што било добро, што сметаат дека не е добро и што треба да се подобри во наставната програма, што е еден вид самооценување на училишниот систем.

Eдна од работите со кои Финците најмногу се гордеат кога станува збор за нивните училишта е тоа што сите училишта се еднакви за сите, како и тоа што децата со ентузијазам стекнуваат нови знаења, не се оптоварени со изработка на домашни задачи, туку времето го трошат на курсеви од областа што ги интересира бидејќи примената на практични знаења е доста ценета. Курсевите се во матичните училишта, па така, на пример, наставникот по биологија, кој често е и доктор на науки, држи курс по ботаника. Од шесто одделение до крајот на средното училиште децата имаат некои задолжителни предмети, но повеќето предмети ги избираат сами и прават свој распоред, односно сами одредуваат дали сакаат пониско или повисоко ниво, во зависност од интересите. Еден од задолжителните предмети е „Финска“, каде што се учи за вредностите, луѓето, економијата, општеството, партиите... Учениците имаат и разни проекти, да кажеме часови по рок, поп... Во стручните училишта се 43 отсто од децата, додека останатите во гимназии. На крајот од средно образование се полага голема матура, и тоа по фински, математика, англиски и шведски, што е задолжителен јазик. Еден од тие испити мора да биде со знаење на напредно ниво. Средното образование го завршуваат 93 отсто од Финците, а дури 66 отсто одат на факултет, што е највисок процент во Европа.

Наставниците во оваа земја се избираат од 10 отсто од најдобрите студенти, мораат да имаат завршено барем магистерски студии. Најтешки факултети се медицинскиот и учителскиот факултет. Платата на наставникот-почетник е околу 2.500 долари, дневно имаат четири часа, два часа неделно професионално се усовршуваат, а статусот им е изедначен со оној на адвокатите и лекарите. Освен одлично познавање на својот предмет, добриот наставник мора да прави истражувања и да пишува научни трудови за да ги олесни и подобри методите во работата со деца.

На годишно ниво Финска по глава на жител издвојува 1.500 евра за образование. Затоа оваа земја е една од најразвиените во светот од која нема одлив на мозоци.

Секако, не се ни Финците поштедени од проблеми. Еден од проблемите е недоволното активно учење на странски јазици бидејќи Финците одлично зборуваат англиски, а сите мора да знаат и шведски. За останатите јазици се тотално незаинтересирани.

Како и секаде, и во оваа земја постојат проблематични и хиперактивни деца. За да не им пречат на другите, овие деца се ставени во посебни паралелки, во кои со нив работат посебно едуцирани експерти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование