X
 13.03.2023 Технологија

„Ворд“ ќе добие нова корисна функција

„Мајкрософт“ објави дека тестираат кратенка за зумирање во „Ворд“ со користење на тастатурата, па оваа опција моментално се тестира. Со притискање на Ctrl во комбинација со + и - ќе можеме да го зголемуваме, односно намалуваме приказот на содржината на екранот кога работиме во „Ворд“. Слично како што правите кога сакате да зголемите или намалите приказ на содржина на повеќето пребарувачи.

Доколку сакате да се вратите во нормалниот приказ (100%), ќе треба да притиснете Ctrl+0 на тастатурата. Исто така, тука е и опцијата додека го држите копчето Ctrl со тркалцето на глувчето да го зголемувате и намалувате приказот. Тие кратенки ќе работат и на „Mac“ платформите, но таму наместо Ctrl ќе се користи Command.

Од „Мајкрософт“ објаснија зошто ја воведуваат оваа опција.

- Со оглед на тоа дека корисниците се навикнати на практиката на повеќето пребарувачи, очекуваат со притискање на комбинацијата на Ctrl со + и - да можат да зумираат, но тоа сепак не се случува, па би можеле да бидат фрустрирани кога нема да го добијат очекуваниот резултат - истакнаа од компанијата.

Во рамките на пролетните подобрувања на „Ворд“, компанијата исто така работи на воведување кратенка за функцијата „Paste“ без форматирање на текстот. Како што дозволуваат повеќето апликации, тоа се прави со комбинацијата Ctrl+Shift+V, односно Cmd+Shift+V. Тоа досега не беше можно во „Ворд“, туку мораше да одите на менито со помош на десниот клик на глувчето и таму да ја одбирате командата. Отсега тоа ќе биде многу полесно и побрзо за оние што многу работат со пишување и форматирање на текстови во „Ворд“.

Сите што се навикнати на постојните команди и кратенки ќе можат, доколку не им одговараат новите команди, сѐ да вратат на старите поставки.

Кога новата опција за зумирање ќе биде целосно исчистена од багови и недостатоци, ќе биде пуштена за користење за сите корисници на пакетите „Мајкрософт 365“.

Извор: Benchmark
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија