X
 17.01.2017 Здравје

Конечно откриена функцијата на слепото црево во организмот?!


Една од првите работи што се учат на час по биологија е дека човечкиот организам има бројни закржлавени органи – слепото црево, тртникот (опашката), умниците, кои во текот на еволуцијата престанале да се користат, затоа што сме се прилагодиле на нов начин на живот. Но, американските научници неодамна ја потврдиле  претпоставката дека слепото црево и не е така бескорисен орган како што се сметало.

За разлика од умниците од кои денес имаме повеќе штета и болка од корист, слепото црево е многу повеќе од „непотребна темпирана бомба“ во абдоменот.

Сосема спротивно, новата студија покажа дека слепото црево служи за извршување на многу важни биолошки функции. Апендиксот или слепото црево ненаметливо помага да се држи под контрола имунолошкиот систем.

Функционалноста на апендиксот долго време ја збунуваше научната јавност. Чарлс Дарвин верувал дека се работи за атавизам од минатото, оран што на нашите предци им служел за варење на растителната храна. Таа претпоставка подоцна се наметнала како водечка хипотеза.

стомак
Фото: Freepik

Но, резултатите од студијата што беше објавена минатата недела упатуваат дека слепото црево нема никаква поврзаност со варењето на храната, туку дека се работи за важен секундарен имунолошки орган, односно „складиште“ на цревни бактерии, кои ја поттикнуваат одбраната на организмот од разни болести.

Уште во 2007 година, група научници ја обзнанија својата претпоставка дека слепото црево можеби е „резервоар“ на добри, корисни бактерии. Денес, доктор Хитер Смит од американскиот Универзитет Мидвестерн во Аризона, изнесува и докази  дека апендиксот помага во обновување на цревната флора после заболувања како дизентерија или колера. Таа истакнува дека во слепото црево се наоѓаат резерви од добри бактерии кои го чекаат потребниот момент да навлезат во дигестивниот тракт за да ги пополнат испразнетите места по заболувањето.

Подеталните студии покажале дека животните кои имаат слепо црево поседуваат и поголема концентрација на вродени лимфоидни клетки или лимфоцити во ткивата кои го штитат организмот од инфекции.

А што станува со имунитетот кај оние со оперирано слепо црево?

-Без грижа - вели доктор Смит.

- Тоа значи дека ќе ви треба нешто повеќе време за опоравување после некое заболување.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје