X
 13.04.2018 Технологија

И регистарските таблички ќе станат паметни

Дубаи има големи планови за иднината на транспортот – од транспортен систем „hyperloop“, кој би овозможувал растојанието меѓу Дубаи и Абу Даби, кое е над 120 километри, да се поминува за околу 12 минути, па сè до дронови што ќе ги заменат автономните и такси-возилата, кои до 2030 година би требало да бидат секојдневие за овој град.

Според тие решенија за иднината, најавата за почетокот на тестирањето на паметните регистарски таблички не изгледа премногу револуционерна, но со нив би можеле да се спречат многу жртви на сообраќајни несреќи.

Тестирањето на ваквите таблички ќе почне следниот месец, а досегашните ознаки на табличките ќе бидат заменети со дигитални ознаки на екраните, кои ќе имаат и поддршка за ГПС и предавател. Со нив, во случај на сообраќајна несреќа, автоматски ќе се контактираат полицијата и итната помош, а табличките ќе можат да комуницираат и со другите автомобили, предупредувајќи ги за условите на патиштата и за евентуални сообраќајни несреќи на патот.

Исто така, во случај на кражба на автомобилот или на табличката, написот на неа би се променил како предупредување за кражба, а ќе биде поврзана и со сметката на сопственикот на автомобилот, со што автоматски ќе се наплаќаат паркинг-услуги или казни за сообраќајни прекршоци.

Тестирањето ќе трае до октомври, но сè уште не се знае цената на дигиталните таблички. По завршувањето на тест-периодот, доколку има потреба, овој систем би можел да се унапредува и усовршува, по што би почнало заменувањето на класичните автомобилски таблички во Дубаи.

Поради поврзаноста со ГПС-системот, јасно е дека на возачите им се заканува нарушување на приватноста затоа што константно би можеле да се следат нивното движење и нивната локација.

Фото: Freepik
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија