На Сонцето повторно има активности и Земјата повторно ќе ги почувствува ефектите. Короналните дупки на соларната површина се отворија, испраќајќи геомагнетски бури кон Земјата.
Дупките на Сонцето можеби звучат страшно, но тие се многу чести, особено во текот на соларниот минимум. Ова е тивкиот период на сончевиот 11-годишен циклус во кој се наоѓаме моментално. Иако сончевите дамки и блесоци се помалобројни и генерално помали кога се случуваат во текот на соларниот минимум, тоа не значи дека не можеме да бидеме погодени од геомагнетски бури.
Тоа е поради короналните дупки, кои се поладни, помалку густи региони на плазма и отворени магнетни полиња. Овие отворени структури им дозволуваат на соларните ветришта да избегаат полесно, што за возврат може да ја насочи електромагнетната радијација кон Земјата ако дупката е во вистинската
позиција.
Фото: Solar Dynamics Observatory, NASA
Минатата недела три од овие дупки се отворија, испраќајќи брзи соларни ветришта кон нас. Тоа значи соларни бури, но не треба да се загрижуваме. Американската Национална океанска и атмосферска управа (НОАА) издаде најниско ниво на предупредување за соларни бури и тоа значи дека поголемиот дел од светот нема да забележи ништо. Можеби ќе има само мало варирање во електричната енергија и мали пречки во сателитската комуникација.
Сепак, оние што се наоѓаат кај повисоките латитуди може да имаат среќа да видат аурора бореалис или аустралис бидејќи наелектризираните честички од интеракциите со соларните ветришта се насочени кон Земјините полови од страна на силовите линии.