X
 07.09.2023 Наука

Погледнете го најновиот трејлер на НАСА за најспектакуларниот небесен настан во годината

Објавувајќи ги своите планови за пренос на еден небесен настан во годината од две локации во САД, НАСА објави краток трејлер на „Јутјуб“ за да го најави она што веројатно е најспектакуларниот и најдраматичен настан на небото за 2023 година.

На 14 октомври 2023 година, „огнен прстен“, популарен сленг за прстенестото затемнување на Сонцето, ќе се појави на небото.

Ова затемнување на Сонцето ќе биде видливо низ Северна Америка, Централна Америка и поголемиот дел од Јужна Америка. Точката на најголемото затемнување, каде што набљудувачите ќе можат да видат прстен кој ќе трае 5 минути и 17 секунди, ќе се случи на брегот на Никарагва и Костарика.

Што претставува затемнувањето на Сонцето?

Затемнувањето на Сонцето се случува кога Месечината е позиционирана помеѓу Земјата и Сонцето и фрла сенка над Земјата.

Видови затемнување на Сонцето

Постојат четири типа затемнување на Сонцето во зависност од тоа како Сонцето, Месечината и Земјата се порамнети во моментот на настанот. Затемнувањето на Сонцето се случува две недели пред или по затемнувањето на Месечината.

- Целосно затемнување на Сонцето: Сонцето е целосно затемнето.
- Делумно затемнување на Сонцето: Месечината не го блокира целосно Сонцето, така што само дел е заматен.
- Прстенесто затемнување на Сонцето: Месечината е центрирана пред Сонцето, но не ја покрива целата површина, така што, „огнен прстен“ сјае околу Месечината.
- Хибридно затемнување на Сонцето: најреткото затемнување на Сонцето е комбинација од целосно и прстенесто затемнување и се создава кога сенката на Месечината се движи низ Земјата.

28 отсто од затемнувањата на Сонцето се целосни, 35 отсто се делумни, 32 отсто - прстенести и 5 отсто - хибридни.



Извор: Forbes.com
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука