X
 13.05.2019 Живот

Во најголемата кујна во светот годишно се подготвуваат 110 милиони оброци

Најголемата кујна не му припаѓа на некој ресторан или компанија специјализирана за кетеринг, туку на еден од најголемите авиопревозници - „Емиратс“. „Емиратс флајт кетеринг“ годишно подготвува 110 милиони оброци за летовите на компанијата и работи 24/7 за да може да приготви храна за 55-те милиони патници што во една година летаат со таа компанија.

Во 2018 година патниците на „Емиратс“ изеле 72 милиони печива, повеќе од 60 тони јагоди, околу 188 тони лосос и повеќе од 1.400 тони компир, а во една година се трошат 9,6 милиони кесички чај и милион капсули кафе. За сето тоа да е возможно, компанијата мора да има доволно голема кујна и доволен број вработени, со оглед на тоа дека иако кујната делумно е автоматизирана, она најважното, односно приготвувањето на храната и полирањето на приборот, како и прегледувањето случајно да не има некоја дамка на чашите, ја работат луѓето.


Фото: Jutarnji

Кетеринг-центарот на „Емиратс“ во Дубаи, во кој компанијата вложи повеќе од милијарда долари, е поделен во неколку категории, а погонот се протега на неколку илјади квадрати. На приземјето се истовараат чиниите, количките и сето останато од авионите и таму во просек дневно се чистат околу три милиони парчиња садови.

На првиот кат има три кујни. Во ладната кујна се подготвуваат сендвичи и предјадења, при што одвоено се подготвуваат оние за прва и бизнис-класа и оние за економска класа, додека во главната кујна се подготвува топла храна. Таа, пак, е поделена на четири дела: азиски, супконтинентален, европски и блискоисточен.

„Емиратс“ вработува 1.800 готвачи во светот, кои месечно смислуваат 1.300 различни менија за да може да се покрие секоја дестинација на која лета компанијата. Имено, послужениот оброк е инспириран од регионот кој го посетува патникот, а со оглед на тоа дека авионите на оваа компанија летаат на 150 дестинации во 85 различни земји, станува збор за голем број различни оброци.

Така, патникот што лета за Франција за појадок ќе добие кроасан, а оној што лета за Индија ќе добие качори итн. Целта на компанијата е да им го понуди на туристите првиот вкус на дестинацијата.


Фото: Jutarnji

Притоа, секој оброк мора да изгледа исто и да има ист вкус. Откако ќе биде постигнато тоа, 225.000 оброци (колку што се подготвуваат во еден ден) се ставаат во посебна просторија за да бидат чувани на совршена температура.

Покрај кујната, постои и посебна просторија во која сите оброци се ставаат на послужавник и секој од нив добива код за да можат вработените да го следат рокот на траење. Во таа просторија се пакуваат и салатите и овошјето и приборот за јадење. Таму од автоматизирана лента ги собира количка и ги носи до приземјето, каде што количките се товарат во камиони, а два часа пред летот количките се внесуваат во авионите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот