Поранешната стјуардеса Весна Вуловиќ седумпати ја избегнала смртта. Ги збунила врвните медицински експерти и го шокирала светот. Паднала од 10.000 метри и останала жива.
Вистинскиот збор не бил чудо - требало да се измисли нов. Веста за Весна со месеци била во центарот на вниманието на светската јавност. Многу странски медиуми сакале да контактираат со неа и да добијат интервју.
Веста за нејзиното преживување го заобиколила светот.
„Во среда, 26 јануари 1972 година, во 17:03 часот, авионот на Југословенскиот авиотранспорт на линија Копенхаген-Загреб-Белград, со 22 патници и шест члена на екипажот, експлодирал над Чехословачка, на висина од 10.000 метри, непосредно по прелетувањето на Демократска Република Германија. Во авионската несреќа преживеала една жена. Телата на патниците и остатоците од авионот паднале во селото Српска Каменица“, пишувале медиумите во 1972 година.
„Цепев дрва во шупата кога слушнав експлозија. Истрчав надвор и видов како луѓето летаат во воздухот. Веќе имаше луѓе што трчаа по патот и врескаа дека паднал авион. Некако се извлеков и почнав да трчам по патот. Одеднаш од шумата слушнав женски глас. Истрчав поблиску до гласот. Под еден дел од авионот ѕиркаа две женски нозе. Се наведнав и видов русокоса девојка која не само што беше жива туку и имаше сила да вика. Со тешки маки ја ослободив од металните делови, внимавајќи добро да не ја поместувам. Во војска научив што значи прва помош и колку таа може да одмогне ако не се даде соодветно. Кога пристигна амбулантната кола, ја ставивме девојката на носила и ја предадовме во рацете на експертите. Нашата работа беше завршена“, изјавил Бруно Хенке за некој тогашен медиум.
Седум животи
„Неверојатна среќа во несреќа - преживувањето на југословенската стјуардеса Весна Вуловиќ е еден вид научна фантастика. За современата медицина претставува неверојатен настан. Тоа е исто како една личност непромислено да одлучи со телото да го запре брзиот воз и да успее во тоа. Немојте да мислите дека претерувам“, стои во изјавата на угледниот германски професор по хирургија д-р Хеинц Веисдел во некој од тогашните медиуми.
Првиот пат можела да умре поради недостиг на кислород на висина од десет километри и температура од околу -50 Целзиусови степени. Вториот пат Весна можела да го изгуби животот поради нагла декомпресија, кога била изложена на изненадувачка голема промена на притисокот. Кога се појавува дупка во авионот, моментално се создава џиновска воздушна машина за мелење која не ги избира жртвите. Вителот може да повлече сè низ дупката. Весна го избегнала и тоа.
Четвртиот пат Весна ја избегнала смртта паѓајќи од огромна висина. По сите правила, крвта се слева во долниот дел од телото, а срцето пука. Падот на земјата? Ударот по паѓање од 10.000 метри? Тоа не е смртна опасност?
Шестиот пат кога Весна можела да умре бил на земјата. Тешко повредена, лесно облечена, на снегот, таа би им подлегнала на повредите доколку не би била најдена за брзо време. Дури и кога ја пронашле, младата стјуардеса имала среќа. Доколу шумарот Бруно Хенке не бил поранешен војник и доколку не знаел како се применува првата помош, да не постапел стручно, Весна би била мртва.
„Не се сеќавам на ништо. Имам ретроградна амнезија. Не се сеќавам што се случи еден час пред несреќата и повеќе од 20 дена по несреќата. Велат дека еден ден можеби ќе се сетам. Понекогаш си помислувам - дали навистина јас бев во авионот? Не се сеќавам на ништо, па несфатливо ми е не само што не загинав туку и што нормално живеам, работам“, изјавила Весна во едно интервју.
Вуловиќ почина пред околу една година во својот стан во Белград. Имаше 67 години. Загрижените соседи пријавиле во полиција бидејќи не ја виделе неколку дена. Ја пронашле во бањата.
Соседите тогаш раскажувале дека таа живеела сама, со своите миленици. Иако со нарушено здравје поради сè што преживеала, таа имала ведар дух и секогаш била спремна за шега. Соседите велат дека во последите години ретко ја посетувале. Контактирала единствено со својот брат, со кој била во најдобри односи.
- Одеше со помош на штаки, но се трудеше да го задрши дамскиот изглед. Но во последно време се гледаше дека тешкиот живот го направи своето. По инфарктот здравјето и се влоши. Многу ги сакаше децата од соседството. Постојано им купуваше слатки – раскажуваат соседите.
Напишал: Душан Крајчиновиќ