Во средината на нашата галаксија се наоѓа супермасивна црна дупка наречена Стрелец A*, која има маса околу 4,3 милиони пати поголема од онаа на Сонцето.
Научниците досега успеале да измерат некои карактеристики за неа врз основа на движењата на телата околу неа, но таа никогаш не била видена, сè досега. Податоци собрани со телескопот „Хоризонт на настани“ (анг. Event Horizon Telescope – EHT), кој претставува мрежа на радиотелескопи, помогнале да се состави фотографија од црната дупка во центарот на Млечниот Пат.
- Бевме изненадени од тоа колку добро големината на прстенот оди во прилог на Теоријата за општа релативност на Ајнштајн - изјавил Џефри Бауер, научник кој работел на проектот.
Новите податоци многу го подобруваат разбирањето за она што се случува во центарот на нашата галаксија и даваат информации за начинот на кој големите црни дупки се однесуваат со околината, објаснил Бауер.
Достигнувањето доаѓа по три години откако истата мрежа на телескопи ја направи првата фотографија на црна дупка во центарот на галаксија оддалечена 55 милиони светлосни години.
Стрелец А* е поблиску до нас, на оддалеченост од околу 25.800 светлосни години.
Фотографирањето црна дупка е речиси невозможно бидејќи црните дупки не испуштаат радијација која може да се детектира. Тие се толку густи што дури и светлината не може да им избега.
Извор:
Science alert