Најчитаната вест на
BBC Eatrh за 2015 година ја објаснуваше судбината на еден меѓуѕвезден патник кој паднал во црна дупка. Неодамна, BBC Earth повторно ја објави приказната на Amanda Gefter.
Многумина од нас, барем еднаш во животот, се прашале што се случува во внатрешнота на црната дупка. И што би се случило доколку некој од нас падне во неа... Очекувањата безмалку се идентични кај сите: моментална смрт. Но, реалноста е далеку, далеку понеобична.
Истиот момент кога би влегле во
црната дупка, реалноста би се поделила на два дела. Во едниот дел, во истиот момент би биле спржени, а во вториот, би почнале да паѓате неповредени.
Црната дупка е место каде не важат законите на физиката онака како што ние ги познаваме. Ајнштајн открил дека гравитацијата го закривува просторот на тој начин што системот простор-време во црната дупка се закривува до таа мера што истата се претвора во дупка во и низ самата реалност.
Откако ќе го потрошат целото свое гориво на нуклеарна фузија, во некои случаи, зад најмасивните ѕвезди може да остане материја со толку енормно голема густина што под дејство на сопствената маса продолжува да се распаѓа во себеси за конечно на крајот да го зароби системот простор-време.
Гравитационото поле на таквиот остаток од ѕвездата станува толку силно и моќно што успева да ги зароби и
фотоните, односно, светлината, па подрачјето околу ѕвездата станува совршено темно, од каде и доаѓа името на ваквото астрономско тело – црна дупка.
Границата на таквата дупка се нарекува
хоризонт на случувањата. Се работи за подрачје до кое црната дупка со помош на својата гравитација е во состојба да ја спречи светлината да ѝ побегне во вселената.
Хоризонтот на случувањата всушност „гори“ од енергија, затоа што квантните ефекти на работ се претвораат во незамисливо силна струја на вжарени честички кои зрачат назад во вселената. Оваа пајава се нарекува и Хокингова радијација, според физичарот Стивен Хокинг, кој ја предвидел во своите теоретски пресметки.
Тој предвидел и дека, доколку ѝ „дадеме“ доволно време на црната дупка, таа по многу милијарди години преку
радијација ќе ја „иззрачи“ целата своја маса за на крај да исчезне.
Како што подлабоко се спуштаме во црната дупка, просторот станува сè позакривен, сè до самиот нејзин центар, каде тој станува бесконечно закривен. Ваквата појава се нарекува
сингуларитет.
Во тој момент, односно на тоа место, времето и просторот стануваат бесмислени категории, а законите на физиката, какви што ги знаеме, се комплетно неприменливи, затоа што бараат постоење на простор и време.
Што се случува таму, никој не знае. Друг универзум? Бесконечен заборав? Никој не е сигурен.