X
 13.05.2023 Технологија

Научници споиле мозок со компјутер - мајмуни со мислите контролирале роботска рака

Група кинески научници успешно го спровеле првиот експеримент за спојување мозок на мајмун со компјутер. Во експериментот успешно е воспоставена врска помеѓу мозок на мајмун и компјутер, овозможувајќи му на мајмунот да управува со роботска рака со помош на мислите.

Технологијата за поврзување мозок и компјутер може да ги претвори електричните сигнали во наредби за да им помогне да пациентите со моторичка дисфункција да комуницираат со околината и со тоа да им се подобри квалитетот на животот, објаснува неврохирургот Ма Јонгџие, кој работел на експериментот.

Постојат три главни технологии за поврзување мозок и компјутер кои се во развој: интервентна, инвазивна и неинвазивна. Интервентната технологија, за која станува збор овде, го поврзува мозокот со компјутерот преку минимално инвазивна хируршка интервенција и е помалку штетна за телото отколку инвазивната технологија.

Управување со мислите

Кинеските техничари идентификувале и собрале електроенцефалографски (ЕЕГ) сигнали преку електроенцефалограф кој бил поставен на цереброваскуларниот ѕид на мајмунот со помош на минимално инвазивна операција. Овие импулси им дозволиле на мајмуните да контролираат роботска рака со своите мисли.



Оваа техника нема да биде соодветна за клиничка употреба уште најмалку пет години, а веројатно и многу подолго, велат кинеските научници.

Трка со САД

Кинески научници во 2020 година успешно вметнале две микроелектроди во мозокот на 72-годишен пациент чие тело било парализирано од вратот надолу и на тој начин го поврзале неговиот централен нервен систем со механичка рака. По процедурата, пациентот наводно можел да манипулира со раката преку нормални мозочни импулси.

Истовремено, технолошката компанија „Невралинк“ на Илон Маск работи на слична технологија и се смета дека има јасна предност во напредокот, признале кинески експерти, посочувајќи дека Кина се издвојува во неинвазивната технологија.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија