Човечкиот нос има различни облици и големини, од мал до голем, широк, тесен итн.
Едно ново истражување на меѓународен тим од истражувачи открива дека некои од гените одговорни за анатомијата на носот можеби сме ги наследиле од нашите братучеди - неандерталците.
Анализата опфатила индивидуи од мешано европско, домородно американско и африканско потекло, кои одговараат на регионите на човечкиот геном со структурите на лицето на одредени поединци. Овие совпаѓања биле споредени со други истражувања за човечки и неандерталски геном.
Истражувачите откриле 26 генетски региони кои биле силно поврзани со обликот на човечкото лице. Оние со потекло од Индијанците обично поседувале ген наследен од неандерталците наречен АТF3.
Заедно со докази кои посочуваат дека ATF3 станува активен додека се формираат нашите лица, истражувачите сугерираат дека неговото присуство може да направи значителна разлика во растот на носот. Но, кај оние со европско потекло истражувачите откриле дека ATF3 е отсутен.
Претходните истражувања за черепите на неандерталците покажале дека нивниот нос е повисок отколку носот на современите луѓе. Одговорен може да биде развојот на генот ATF3, барем за дел од оваа промена. Постојат и други гени што го обликуваат човечкиот нос, а првичните истражувања сугерираат дека некои од нив би можеле да се наследени од неандерталците или од денисовците.
Фото: Dr Kaustubh Adhikari, UCL
Со оглед на издржливоста на ATF3 низ генерациите во Латинска Америка, научниците сметаат дека овој ген може да понуди предност за преживување во некои средини.
- Генот што го идентификувавме можеби е наследен од неандерталците за да им помогне на луѓето да се приспособат на постудена клима кога нашите предци се преселувале од Африка - вели генетичарот Кинг Ли од Универзитетот „Фудан“.
Засега тоа се само шпекулации. На крајот на краиштата, некои гени може да опстојуваат низ генерациите дури и без предности за преживување.
- Во последните 15 години, откако е секвенциониран геномот на неандерталците, успеавме да дознаеме дека нашите предци очигледно се вмешале со неандерталците, оставајќи ни мали делови од нивната ДНК - вели генетичарот Каустуб Адикари од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Некои од споделените гени од овие настани на вкрстување се присутни до ден-денес, а неколку се поврзани со здравствени придобивки, како што се побезбедни раѓања и подобрена отпорност на вируси или инфекции на кожата и крвта.
Како овие гени можат да донесат такви здравствени придобивки, сè уште не се знае. Но, фактот дека научниците можат да ги користат овие врски за понатамошно испитување на ефектот на генот е исклучително вреден за идните клинички истражувања.
Извор:
Science Alert
Фото: UCL