X
 20.12.2024 Наука

Дали алтернативната медицина е ефикасна во лекувањето на ракот?

Многу познати личности велат дека промените во нивната исхрана и алтернативната, а не официјалната медицина, им помогнале во лекувањето на ракот.

Повеќето добротворни организации за рак велат дека не постојат медицински докази дека алтернативните терапии можат да помогнат во лекувањето или излекувањето на оваа опасна болест.

Кои се овие алтернативни третмани и зошто се чини дека сѐ повеќе луѓе ги користат?

Поранешниот индиски играч на крикет и политичар Навџот Синг Сиду во ноември објави дека неговата сопруга е излечена од рак откако почнала да консумира вода со лимон, сирова куркума, јаболков оцет, листови од ним, тулси (босилек), тиква, калинка, цвекло и орев.

Откако неговото видео стана вирално, повеќе од 200 специјалисти за рак во болница во Индија издадоа соопштение во кое велат дека додека не се тестираат здравствените придобивки од оваа храна, не постојат докази за поддршка на нејзината употреба и ги повикаа луѓето да не го одложуваат медицинскиот третман поради употреба на „недокажани лекови“.

Австралиската манекенка Ели Мекферсон во септември откри дека пред седум години ѝ бил дијагностициран рак на дојка и дека наместо хемотерапија, користела „интуитивен, холистички пристап за подигнување на енергијата“.

Алтернативната медицина, како акупунктура, јога и медитација, често се користи заедно со конвенционалните третмани за рак на дојка, како што е хемотерапијата, а лекарите велат дека тие можат да помогнат во целокупното здравје и во ублажување на болката. Но, генерално не советуваат алтернативен третман кој вклучува диети и витамински инфузии, особено ако се користат како замена за медицински третман.

Добротворните организации предупредуваат дека некои алтернативни терапии можат да бидат штетни и да предизвикаат несакани ефекти, па дури и да го попречат медицинскиот третман. Во истражување од 2018 година на медицинското списание „Џама онколоџи“, алтернативните терапии беа поврзани со намалени шанси за преживување за пациентите со рак. Но, и покрај тоа, многу луѓе болни од рак спасот го бараат во алтернативната медицина, која е сѐ попопуларна.

Видеоснимките за диети што го лекуваат ракот имаат милиони прегледи на интернет, а книгите за диети што го лекуваат ракот честопати се најпродавани на „Амазон“. Неодамнешна серија објави на социјалната мрежа „Твитер“ за тоа како природно да се лекува ракот, главно преку промени во исхраната, и доби над 200.000 лајкови во период од 48 часа.

Добротворната организација за рак „Мекмилан“ препорачува да побарате лекарски совет пред да користите алтернативна медицина.

Зошто алтернативната медицина е сè попопуларна?


За популарноста на овие начини на лекување придонесуваат и дезинформациите бидејќи алтернативните методи се рекламираат како чудотворни лекови без докази.

- Ракот е страшна болест и затоа мораме да укажеме на ризиците и придобивките за пациентите. Тие сакаат надеж, сигурност и ветување дека ќе се излекуваат, а доктор по официјална медицина не може да го вети тоа - вели Лиз O'Риорден, британски онколошки хирург.

Овие таканаречени „лекови“ често се претставени како безболни и природни, што може да биде попривлечно за ранливите пациенти отколку конвенционалните, ефективни третмани, кои се инвазивни и можат да имаат сериозни несакани ефекти.

Друга причина е тоа што за многу пациенти низ светот, квалитетниот третман за рак не е лесно достапен, па дури и кога е, тој е скап.

- Кога парите се проблем, овие потенцијално евтини алтернативни методи можат да бидат исклучително привлечни. Загрижувачки е што целта се токму ранливите луѓе на кои им се нудат производи што не им се потребни - вели д-р О'Риорден.

Исто така, алтернативната медицина е дел од културата. Во Африка, Азија и Индија постојат антички лековити системи и филозофии кои ја поддржуваат нивната примена. Иако постојат некои докази дека традиционалната кинеска медицина и индиската ајурведа можат да помогнат при некои болести, има малку докази дека функционираат ефикасно против ракот.

Најраспространетите алтернативни методи на лекување


Ајурведски „лекови“


Куркумата, зачин одгледуван во Индија, често се смета за алтернативен третман за рак во ајурведата, традиционален индиски систем за лекување базиран на билки и масажа. Други алтернативни методи за лекување рак што се користат во Индија, особено во руралните области, се натуропатијата, биопатијата, хомеопатијата, народните лекови, терапијата со пченица, хидротерапијата, акупунктурата, уринотерапијата, остеопатијата и слично. Иако некои од овие методи можат да ја намалат болката кога се користат заедно со медицински третман, може да имаат негативен ефект кога се користат заедно со некои третмани за рак.

Британската организација за истражување на ракот вели дека постојат докази дека куркуминот, состојка во растението куркума, може да ги убие малигните клетки кај одредени видови рак, но потребни се повеќе истражувања. Не постојат јасни докази дека куркумата и куркуминот можат да го спречат или излечат ракот, додава организацијата.

Кинеска традиционална медицина


Традиционалната кинеска медицина е цел систем на третман кој вклучува акупунктура, терапија со масажа, хербални лекови, таи чи, како и стотици лековити материи од растенија. Сепак, онколозите често ги доведуваат во прашање научните докази за безбедноста и ефикасноста на оваа медицина.



Што велат лекарите и добротворните организации?


Експертите предупредуваат на значителната опасност од алтернативните методи на лекување, а истражувањата покажуваат дека пациентите што ги користат веројатно ќе ги избегнат конвенционалните третмани и ќе ги ризикуваат своите шанси за преживување.

- Некои од овие алтернативни методи добро функционираат со официјалните терапии. Проблемот е кога луѓето сами избираат алтернативен третман - вели д-р О'Риорден.

Д-р Грајмс вели дека медицинските третмани за рак се засноваат на силни научни истражувања.

- Стапката на преживеани од рак во светот се зголеми и ќе продолжи да се зголемува поради работата на научниците и лекарите, а не поради алтернативните методи на лекување - вели тој.

Д-р Харит Чатурведи, претседател на индискиот институт за третман на рак, вели дека ракот не е болест што може да се лекува со една магична формула и дека во современата медицина плановите за лекување се приспособени на секој поединец, врз основа на видот на ракот, специфични генетски промени во поединечни канцерогени клетки, органи на примарниот тумор и степенот на ширење на болеста.

Лекарите генерално ги поддржуваат луѓето што користат алтернативен метод што им помага подобро да се справат со нивната болест. Сепак, тие советуваат да не се користат алтернативни методи како замена за медицински третман.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука