Освен учебниците по странски јазици кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на први септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети, истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во утринската програма на Канал 5.
-Дел од учебниците се веќе дистрибуирани, а дел се печатат и според договорот со печатницата, треба на први септември да бидат во училиштата. За жал, затекнавме и предмети по кои нема учебници, иако претходната Влада ја информираше јавноста дека се обезбедени. Ги посочив странските јазици, но и предметите за јазикот и културата на заедниците, за кои во најголем дел поради лошиот квалитет на предложените учебници, истите не се одобрени. Но, направивме напори и за нив да обезбедиме материјали во дигитална форма кои ќе можат учениците да ги користат - рече Јаневска.
Таа додаде дека се работи на враќање на историјата како посебен предмет во македонското образование, затоа што, според мислењето на домашната и светската експертска јавност, историјата е национален предмет со исклучително значење. Како што рече, на часовите по историја се учат факти за случувања и личности, но предметот побудува и патриотизам и лојалност кон сопствената држава и затоа треба да му се посвети посебно и повеќе внимание низ образовниот систем.
Информираше дека со Министерството за култура и со Бирото за развој на образованието се дискутира за можностите за поддршка на домашни анимирани серии, филмови и едукативни емисии соодветни на возраста на учениците, како и сликовници и книги за успешни личности, за географски локалитети и слично, кои би можеле да бидат дел од формалниот воспитно-образовен процес во Македонија.
Јаневска се осврна и на предучилишното образование, кое треба да премине под надлежност на Министерството за образование и наука, потенцирајќи дека Владата прави сериозни напори за да обезбеди услови за што повеќе деца да влезат во градинките и да стекнуваат знаења кои се добра подготовка пред вклучување во училишното образование.