X
 13.08.2024 Наука

Научниците откриле како нашиот мозок го дешифрира значењето на зборовите

Навлегувајќи во сложеноста на обработката на човечкиот јазик, неодамнешните истражувања во невронауката фрлаат светлина на тоа како мозокот го декодира значењето на зборовите. Научниците од  „Харвард“ користеле напредни технологии за да утврдат каде и како се случува оваа трансформација.

Според неврологот Зив Вилијамс од „Харвард“, луѓето без напор разбираат различни значења во говорот.

- Луѓето поседуваат извонредна способност да извлекуваат нијансирани значења преку јазикот - кога слушаме говор, можеме да ги разбереме значењата на десетици илјади зборови и да го правиме тоа беспрекорно низ неверојатно разновиден опсег на концепти и теми - објаснил Вилијамс.

Студијата ја следела активноста на мозокот во префронталниот кортекс на 13 учесници, користејќи низа електроди. Дури и со мал број неврони, истражувачите откриле општи значења кодирани во моделите на мозочната активност.

- Сакавме да откриеме како можат луѓето да обработуваат толку различни значења за време на природниот говор и како можеме брзо да ги разбереме значењата на зборовите во широк опсег на реченици, приказни и наративи - вели Вилијамс.

Флексибилно кодирање

Моделите на нервната активност откриле дека зборовите со слично значење предизвикуваат споредливи реакции на мозокот, додека зборовите со различно значење генерираат различни модели. Овие нервни одговори се контекстуално приспособени на текот на говорот.

- Нашите резултати посочуваат дека овие неврони наместо да реагираат само на фиксните репрезентации на зборовите во меморијата, флексибилно ги кодираат значењата на зборовите во контекст на природната обработка на говорот - велат авторите на гореспоменатата студија.

Разбирањето на овие механизми би можело да ги подобри интерфејсите на релацијата мозок-компјутер, потенцијално помагајќи ја комуникацијата за поединци со состојби како парализа или мозочен удар. Идните истражувања имаат цел да откријат дали слични нервни обрасци се појавуваат како одговор на пишани зборови, слики или различни јазици и да идентификуваат други мозочни региони вклучени во овој процес.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука