X
 28.11.2016 Живот

Со 1638 евра илегално до Германија


Германската служба за бегалци ги објавила резултатите од првото големо истражување за барателите на азил во оваа држава.

Бегалци на ливада

Според податоците на Сојузната служба за миграција и бегалци (BAMF), во 2015 година во Германија дошле 890.000 бегалци. Годинава, до крајот на октомври, пристигнале нешто помалку од 290.000 луѓе.

Околу 4500 бегалци биле опфатени во големото истражување што го спровеле истражувачкиот институт IAB и германскиот Институт за економски истражувања. Бегалците одговарале на повеќе од 400 прашања, а резултатите од прашањата што се изнесени тука, се однесуваат на 2300 испитаници, колку што биле опфатени со првиот круг од истражувањето. Во вториот дел ќе бидат испрашани уште 2300 луѓе, и тоа до крајот на оваа година. Истражувањето опширно се занимава со причините за миграцијата, патот што имигрантите го поминале за да стигнат до Германија, карактеристики на личноста на испитаниците, вредностите што ги негуваат, здравјето, образованието, познавањето јазици, имотот и личната ситуација.

На прашањето што ги навело да ја напуштат својата земја, бегалците навеле неколку причини. 70% од нив рекле дека бегале од војната, 44%  од нив биле прогонети. Потоа, следуваат „лоши животни услови“ (39%), „дискриминација“ (38%), „страв од присилна регрутација“ (36%), „општа економска ситуација во земјата“ (32%), и помалку застапени, но не и помалку интересни мотиви: „членови од моето семејство веќе ја напуштија државата“ (9%), „моето семејство ме испрати тука“ (7%), „сакав да му се придружам на моето семејство“ (7%), „веќе ми заминаа пријателите и познаниците“ (6%), а тука се и недефинираните „други причини“ (17%). Две петтини од испитаниците одговориле дека пред да дојдат во Германија, најмалку три месеци престојувале во друга држава.

Главната причина зошто имигрантите се одлучиле за Германија е „почитувањето на човековите права“ (73%), потоа следуваат „германскиот образовен систем“ (43%) и „чувството дека се добродојдени“ (42%). 26% рекле дека дошле во Германија заради „грижата на државата“ и заради „економската положба на Германија“ (24%). Бегството е поврзано и со големите трошоци, но главно тие потекнуваат од местата од каде што доаѓаат. Па така, патот до Германија просечно е најскап за бегалците од Авганистан и Пакистан (12.040 евра), а незначително поповолен е за луѓето од Иран, Ирак, Либан и Палестина (11.363 евра). Илегалниот пат од Сирија до Германија во просек чини 5556 евра, а од земјите од северна Африка 1398 евра, од Балканот – 1638 евра. Патот до Германија во просек трае 35 дена.

Кога станува збор за светогледот на бегалците, 92% од нив се за рамноправност меѓу мажите и жените (интересен податок е дека во една неодамнешна анкета, 92% од Германците одговориле дека еднаквите права на мажите и жените се „составен дел од демократијата“). Но, 29% од имигрантите ја сметаат за проблем поголемата заработувачка на жените во однос на мажите (за разлика од 18% Германци кои исто мислат за ова прашање). 13% од бегалците сметаат дека законите во државата треба да ги одредуваат верските водачи, а 96% од нив веруваат дека најдобро државно уредување е демократскиот систем. 58% од имигрантите завршиле десет или повеќе одделенија во училиште, или студии.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот