X
 13.09.2018 Култура

Вработените во библиотеките и музеите сѐ уште земаат плата од 18.000 денари

За неправдата да биде уште поголема, во една институција вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование, земаат различни плати

Вработените во библиотеките, музеите и во конзерваторската дејност сè уште добиваат екстремно понижувачки плати – околу 18.000 денари за носителите на дејноста, во нето-вредност. Платите во одредени локални установи се поголеми од платите на матичните национални установи. За неправдата да биде уште поголема, во една институција вработени на исто работно место, со исти работни задачи и образование, земаат различни плати. Ветено е регулирање на стручните звања и на уметничките категории, но сѐ уште не е реализирано.
Ова се само неколку од забелешките на Синдикатот на културата на Република Македонија што денеска беа изнесени на прес-конференција.
- За нас сѐ уште функционираат „антикризни мерки“ поради кои има забрана за унапредувања, за добивање теренски надоместоци, што е околу 90 отсто од работата на музеите и конзерваторските центри. Активна е и забраната за службени дневници при работата на уметничките ансамбли и стручните лица надвор од седиштето на установата. Забраната за унапредување е дискриминирачка затоа што ги става во нееднаква положба вработените во културата наспроти вработените во државната администрација – велат претставници на синдикатот.

Тие посочија дека во изминатите месеци активно учествувале во работата на Министерството за култура, на реализацијата на стратегијата за култура 2018-2022 година. Според новиот предлог-закон за култура, укинат е статусот на даватели на јавни услуги за носителите на дејноста во културата.
- Исто така, на наша иницијатива, нема да има одредби кои ги обврзуваат уметниците на времени договори од пет години, по што треба да се полагаат реаудиции. Подготвивме предлог-колективен договор за културата кој ќе биде доставен до Министерството за култура по усвојувањето на новиот закон. Овој колективен договор нуди конечно решавање на децениските проблеми што ја парализираат културата во доменот на правата од работен однос – велат од Синдикатот.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура