X
 03.05.2019 Наша тема

Ќе останат ли доктори за да нѐ лекуваат? Си одат речиси колку што дипломираат

Достоинствена плата, нормални услови за работа со коректен меѓучовечки однос се најбитните услови за младите перспективни лекари да останат овде

Ќе има ли кој да нè лекува во иднина? Веројатно не ако докторите продолжат да си заминуваат од земјава со досегашното темпо, 170-180 годишно. Достоинствена плата, нормални услови за работа со коректен меѓучовечки однос се најбитните услови за младите перспективни лекари да останат овде. Доколку не се исполнат, велат дека Германија, Шведска, Словенија... остануваат главни дестинации во кои ќе си бараат место под сонцето и третман соодветен на трудот што го вложуваат за да научат да лекуваат и да спасуваат човечки животи.

Фото: Борче Поповски

Катастрофа во најава ако не се преземат конкретни долгорочни мерки

Заминувањето на лекарите некои го толкуваат како глобален феномен. На пример, лекари од Германија одат во САД за повисоки плати, а оние оттука во Германија. Д-р Миралем Јукиќ, член на Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), смета дека станува збор за замена на тези, што реално не ни носи ништо добро.

- Редно е да се соочиме со проблемот и конечно да се пристапи со конкретни мерки за негово решавање. Според статистиката на Лекарската комора, годишно околу 200 дипломирани студенти излегуваат од сите државни медицински факултети, но приближно иста е и бројката на оние што секоја година ја напуштаат земјава. Само во првото тримесечје оваа година државата ја напуштиле 83 лекари. Ако на ова го додадеме и очекуваниот бран на пензионирања во наредниве 5 години, ситуацијата не само што е алармантна туку практично имаме катастрофа во најава - вели д-р Јукиќ.

Основен проблем е погрешната политика на државата од аспект на планирање на потребите на јавните здравствени установи. Долго време не беа праќани соодветен број доктори на соодветни специјализации и немаше и сè уште нема доволно вработувања за да се заменат тие што се испратени на специјализација.
- Во последниве 2 години ниту еден доктор не е примен во скопската брза помош, а околу половина си имаат заминато, т.е. ако пред 2 години имавме 10-11 екипи, сега има 5-6. Треба најмалку 4-6 години по дипломирање на доктор да стане специјалист, па планирањето е клучно. Втора причина поради која нема специјалисти се исклучително ниските плати. Со сите покачувања имаат основна плата од околу 600 евра, а имаат една од најодговорните профeсии во која инвестирале 10-12 години од својот живот. Платата на специјалистите, за да биде конкурентна, треба да биде во висина на 4 просечни плати, т.е. околу 1.500 евра. Третиот и можеби најбитен проблем со кој се соочуваат докторите се лошите услови за работа, немање соодветна апаратура и лекови, неплаќање на прекувремените часови... - вели д-р Јукиќ.

Младите лекари мора да се мотивираат

Специјализантите или младите специјалисти најчесто заминуваат во странство. Докторот објаснува дека има три категории на специјализанти и сите се исклучително ниско платени. Првите (приватните специјализанти) од лани почнаа да добиваат хонорар од 26.000 денари, но без здравствено и пензиско осигурување, а кај дел од нив исплатата доцни со месеци. Кофинансираните специјализанти со фиксна плата (колку просечната во државата) имаат безброј погазени работнички права.
- Трета категорија се државните специјализанти со плата од 450 евра и лихварски договор на лојалност со обврска по завршување на специјализацијата да работат 5-10 или 15 години во иста установа, или да вратат и до 120.000 евра отштета - вели д-р Јукиќ.
Голем проблем, велат младите лекари, е и високо ниво на мобинг, кој е присутен на работното место, неплатени дежурства, ангажирање и прекинување на специјализација од страна на јавни здравствени установи...


Д-р Миралем Јукиќ

Платата на младите лекари треба да е мотивирачка.

- Во Косово младите лекари имаат дупло повисоки плати од нашите. Фер плата е во висина на 3 просечни плати. Ветувањата беа дека нашите плати во најмала рака ќе бидат дуплирани, но наместо тоа, добивме 5% покачување годишно, не го следевме ни темпото на покачувања на специјалистите, кои добиваа 10% во повеќе наврати - вели докторот.
Освен платата, од она што веднаш треба да се преземе тој издвојува: сите специјализанти да бидат еднакво платени, со иста плата и придонеси, укинување на лихварските договори, плаќање на дежурствата на сите. Мора темелно и долгорочно да се планираат специјализациите, да се подигне квалитетот на едукацијата.

Докторите знаат дека ги чека работно место, а ги зголемуваме и платите

Од Министерството за здравство велат дека се грижат за здравствениот кадар во нашата држава. Во 2018 година дале 3.200 согласности за вработување во јавното здравство.

- Во септември 2018 година на 19.123 вработени во јавните здравствени установи им се зголеми основицата за плата на 5%. Во јануари 2019 година здравствените работници имаат дополнително зголемување на платите. 5 отсто има и за медицински сестри, 10% за докторите специјалисти. Во септември 2019 година следуваат 5% зголемување и за останатите здравствени работници - велат од Министерството.
Исто така, додаваат дека се зголемени коефициентите за исплата на дежурства, ноќен труд и дополнителна работа на здравствените работници.

- Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година првпат во нашата земја секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавното здравство. Тоа значи дека секој лекар што ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот за патронажна нега. Со оваа реформа младите лекари добиваат можност да стекнат искуство, да бидат платени за својата работа и да добијат можност за вработување веднаш по завршувањето на стажот - објаснуваат оттаму.



Како мерка што треба да влијае врз задржувањето на кадарот во здравството, здравствените власти споменуваат дека лани обезбедиле средства за вложениот труд на приватните специјализанти.

- Тие земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Во текот на септември 2019 година ќе биде објавен нов конкурс за приватни специјализанти. Со повисоки плати, подобри услови за специјализација и практично учење создаваме атмосфера во која ги задржуваме лекарите да останат во нашата држава. За секоја мерка потребно е време за да се видат реалните резултати. Ние правиме напори да се обезбедат услови за докторите, да ги задржиме тука. Младите доктори знаат дека по завршувањето на факултетот ги чека работно место, кое според последните мерки е поценето и  понаградено. Останува самите да создадеме систем каде што докторите ќе имаат вреднуван труд, но исто така ќе има услови за развој и напредување во кариерата - додаваат од Министерството за здравство.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема