Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска изјави дека со ребалансот на Буџетот ќе има кратење во културата и напомена дека тоа прво ќе бидат најнепродуктивните и оние трошоци без кои, како што рече, „ќе можеме да преживееме до крајот на годината“.
- Во Министерството за култура веќе направивме одредени кратења за да можеме да скратиме ние од кај нас, за да не трпат оние други културни манифестации кои се финансираат преку Годишната програма - изјави Костадиновска-Стојчевска по денешната средба со медиумите.
Таа додаде дека има кратење од секаде, и од Буџетот на Министерството за култура, и најави дека ќе следуваат кратења и од други финансирања кои како Министерство ги имаат на располагање.
Министерката рече дека тоа воопшто нема да се одрази на културните настани и на нивото на култура што го имаме. Овие кратења, како што напомена таа, се за да се задржат високите плати, високите примања и да можеме да ги одржиме примањата на граѓаните во ова време на кризи. Костадиновска-Стојчевска изрази надеж дека тоа нема да биде негативно истолкувано или дека нема да биде причина за „некои други настани“.
Министерката за култура изјави дека засега остануваат капиталните инвестиции онака како што е предвидено, бидејќи треба еднакво да се вложува и во повисоки плати, но и во објектите на културата каде што треба да се работи и функционира.
Одговарајќи на новинарско прашање околу специјалната стратегија за заштита на културно наследство, Костадиновска-Стојчевска изјави дека освен законските решенија кои ги затекнала или се „заглавени“ во Собрание, она што сега ќе следува не е само стратегија за заштита на културно наследство, туку и стратегија за културата. Таа додаде дека сите стратегии можат да се ревидираат бидејќи на некои им е изминат рокот и дека е потребно приспособување на сето она што се случува секојдневно во културата.
Министерката изјави дека во изработката на стратегијата и на сите документи што треба да ја регулираат и водат културата ќе биде вклучена независната сцена, иницијативата
„Аудиција сега“, и посочи дека сите треба да добијат право да бидат вклучени и опфатени во нејзината изработка.
Извор: МИА