„Синедејс“, кој лани стана единствениот фестивал од Б-категорија во земјава, годинава има буџет од 3 милиони денари од Агенцијата за филм, 1 мил. денари помалку од лани
Само 3 милиони денари поддршка ќе добие Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, единствениот фестивал од Б-категорија во земјава.
Агенцијата за филм денеска ги објави резултатите од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност.
Во две последователни години „Синедејс“, кој 17. година го организира Младинскиот културен центар, добива 2 милиона денари помалку од државата. Фестивалот, кој се издвојува од повеќето во Македонија според квалитетот и постојаниот раст, и годинава доби шлаканица, откако едвај закрепна од шокот кога 1 милион денари му беа скратени и во 2018 година.
Додека од МКЦ велат дека се чувствуваат како да се казнети, од Агенцијата за филм објаснуваат дека во одлуката нема никаква тенденција и дека намалениот буџет за филмска дејност е причина што речиси сите филмски манифестации, освен „Браќа Манаки“, добиле помалку пари.
Директорот на „Синедејс“, Русе Арсов, вели дека е шокиран.
- Ова е голем удар за нас. Ќе се жалиме во Агенцијата иако и лани го направивме истото, без резултат. Нашиот тим е демотивиран. Ако вака се „наградуваат“ тие што добро работат, тогаш се поставува прашањето дали воопшто на оваа држава ѝ треба „Синедејс“. Минатата година МКЦ реализира два други европски проекти. Како да ги наградиме и мотивираме луѓето да работат повеќе од вообичаено? Зошто некој да се мачи да работи повеќе од просечно? Минатата година бевме и категоризирани, односно станавме фестивал од Б-категорија, единствен во земјава, ама очигледно и тоа не е важно - вели Арсов.
Три милиони денари од државата доби и Тетова интернационал филм фестивал - ОДА, кој годинава ќе го има осмото издание.
- Намалувањето е поради намалениот буџет. Само кај „Браќа Манаки“ имаме зголемување на буџетот (за 1,5 милион денари, односно вкупно 9,5 мил. денари), затоа што годинава одбележува јубилеј од 40 години. „Синедејс“ е фестивал кој има и други извори на финансии, Градот, европски пари, МКЦ заработува од продажба на влезници, од продажба на филмовите и затоа ценевме дека ним не им треба поголема помош. ОДА се реализира во 12 града во земјава и е единствен фестивал поддржан од Агенцијата на албански јазик. Најголем проблем е што буџетот ни е многу намален, а имаме речиси 90 филма што не се доплатени од претходната власт - објаснува Тозија.
Членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм, кои ги назначува Владата, се: Александар Касапинов, претседател, Ацо Дуковски, Блерим Османи, Бојан Лазаровски, Георги Трајчев, членови.
Буџетот за филмска дејност годинава изнесува 170 милиони денари.
Фото: Младински културен центар