Сфаќањето и разбирањето како некои луѓе природно ѝ се спротивставуваат на ковид-инфекцијата, и покрај тоа што јасно се изложени на вирусот, може да доведе до подобри вакцини, велат истражувачите.
Тим од Универзитетскиот колеџ во Лондон вели дека некои луѓе имале одреден степен на имунитет против ковид-19 пред да започне пандемијата. Ова најверојатно дошло од тоа што телото научило како да се бори против вирусите поврзани со вирусот што го зафати.
Надградбата на вакцините за копирање на оваа заштита може да ги направи вакцините уште поефикасни, вели тимот.
Научниците внимателно следеле болнички персонал за време на првиот бран на пандемијата, со редовно земање примероци од крв. И покрај тоа што се наоѓале во средина со висок ризик на инфекција со
ковид-19, не сите во студијата биле заразени. Резултатите, објавени во списанието „Нејчр“, покажале дека некои луѓе успеале да го избегнат вирусот.
Но, едно 1 од 10 лица имало знаци дека е изложено, а никогаш немало симптоми, никогаш не било позитивно на тестот и никогаш не развило антитела во крвта.
Дел од нивниот имунолошки систем можел да го надмине вирусот пред да успее да земе замав - она што е познато како „абортирана инфекција“.
Примероците на крвта покажале дека овие луѓе веќе имаат заштитни Т-клетки, кои ги препознаваат и убиваат клетките заразени со ковид-19.
Д-р Лео Свадлинг, еден од истражувачите, вели дека нивниот имунолошки систем веќе е подготвен да се бори против новата болест.
Фото: Freepik
Овие Т-клетки биле во можност да забележат различен дел од вирусот отколку што повеќето од сегашните вакцини го обучуваат имунолошкиот систем да ги пронајде.
Вакцините во голема мера се насочени кон шилестиот протеин, кој ја покрива надворешната површина на ковид-19. Сепак, овие ретки Т-клетки биле во можност да погледнат внатре во вирусот и да ги пронајдат протеините неопходни за негова репликација.
- Здравствените работници што можеа да го контролираат вирусот пред да биде откриен имаа поголема веројатност да ги имаат овие Т-клетки кои ја препознаваат внатрешната машинерија пред почетокот на пандемијата - вели д-р Свадлинг.
Овие внатрешни протеини се многу слични кај сите сродни видови на коронавирус, вклучувајќи ги и оние што се широко распространети и предизвикуваат симптоми на обична настинка.
Тоа значи дека таргетирањето на овие протеини со вакцина може да даде одредена заштита од сите коронавируси и нови ковид-варијанти.
Тимот рече дека сегашните вакцини прават одлична работа во спречувањето луѓето да развијат тешка болест, но не се толку добри во спречувањето да се заразат со ковид-19.
- Мислам дека сите можевме да видиме дека вакцините можат да се подобрат. Се надеваме, со вклучување на овие Т-клетки, дека тие би можеле да нудат заштитат од инфекции, како и од болести, и се надеваме дека ќе бидат подобри во препознавањето на новите варијанти што се појавуваат - вели професорот Мала Мајни.
Иако речиси секој ќе ги фати овие коронавируси од обична настинка, не секој ќе го развие вистинскиот вид на заштитни Т-клетки. Можеби здравствените работници се поредовно изложени на вирусите преку својата работа и затоа некои од нив имале заштита.
- Увидите од оваа студија би можеле да бидат клучни во дизајнот на различен тип вакцина. Се надеваме дека оваа студија ќе доведе до понатамошен напредок во развојот на вакцините бидејќи ни требаат сите видови вакцини што можеме да ги добиеме - вели д-р Александар Едвардс од Универзитетот во Рединг.
Фото: Freepik