Некои достигнувања оваа година беа пофалени поради нивниот медицински потенцијал, додека други беа осудени затоа што се неетички. Голем дел никогаш нема да ги заборавиме.
Во текот на 2018 година научниците голем дел од времето го поминаа барајќи одговори за поместување на границите на човештвото и разбирање на универзумот. Ова се некои од највозбудливите и контроверзни достигнувања во науката од 2018 година.
Клонови на мајмуни
Во контроверзен експеримент кинеските научници успешно клонирале мајмун користејќи ја истата техника употребена за клонирање на овцата Доли пред повеќе од две децении - со што првпат бил клониран примат на ваков начин.
Научниците користеле техника позната како трансмисија на соматски клетки за да создадат два макаки-мајмуни родени во Институтот за невронски мрежи на Кинеската академија на науките во Шангај.
Успешниот експеримент бил објавен во списанието „Сел“ во јануари и ветува дека ќе ги поттикне медицинските истражувања за нарушувањата на човечкиот мозок.
- Сега се добри и живеат со другите мајмуни на истата возраст - изјави директорот на институтот, д-р Му-минг Пу. Мајмуните не покажувале никаков знак за абнормалност.
Призрачна честичка следена до нејзиното потекло
Во неверојатно откритие научниците успеале да влезат во нова ера на астрономијата, пронаоѓајќи го потеклото на призрачна субатомска честичка која патувала до Земјата околу 4 милијарди светлосни години.
За научниците, неверојатно високите енергетски честички познати како неутрино може да дејствуваат како гласници од далечното космичко зрачење. Тие патуваат со брзина на светлината, можат да избегаат од најгусти средини, како што се црните дупки, и може да се проследат до нивниот извор на потекло.
Научниците во истражувачки објект на Антарктикот откриле неутрино за време на ретка интеракција со атом под мразот, во септември минатата година.
Примената на ова откритие може да помогне во подобрувањето на нашето разбирање за раниот универзум и фундаменталната физика. Тоа значи дека истражувачите можат да научат за вселената користејќи неутрина, како и обична светлина.
Австралиските научници го идентификувале најстариот познат живот во светот
Чуден фосил што изгледа како огромен лист всушност е остаток од суштество што живеело на дното на океанот, без уста, црева или анус - пред повеќе од половина милијарда години.
Од фосилите откриени во пештера во Русија, истражувачите идентификувале траги од холестерол, потпис за живот на животно.
Пронајдена вода на Марс
Во јули беше откриено дека орбитерот на Европската вселенска агенција открил големо подземно езеро што се крие под површината на Марс. Италијански истражувачи ги анализирале ледените прекривки на Црвената Планета и откриле езеро што се протега околу 20 километри и е длабоко 1,5 километар.
- Овој неверојатен резултат сугерира дека водата на Марс е постојано тело што обезбедува услови за живот во подолг временски период - изјави Алан Дафи, вонреден професор на Универзитетот „Свинбурн“ во Мелбурн.
Можноста за пристап до изворите на вода може да им помогне на луѓето да преживеат на идните екипажни мисии на соседната планета.
Истополови глувци успеале да родат
Фото: Leyun Wang
Здравите глувци што биле одгледувани од две мајки имале нормални младенчиња. Истражувачите од Кина ги промениле матичните клетки од женски глушец и ги инјектирале во јајцето на друг, со 29 од 210 преживеани ембриони.
Исто така, глувци од двајца татковци биле родени користејќи сличен, но покомплексен пристап, но преживеале само неколку дена.
Истражувачите испитувале зошто е толку голем предизвик за цицачите од ист пол да се репродуцираат и сфатиле дека некои од овие бариери може да се надминат со користење матични клетки и ген за насочено уредување. Сепак, предупредуваат дека постојат пречки за користење на овие методи кај други цицачи.
Идентификуван најрано познат човек-хибрид
Анализата на античката ДНК оваа година го откри првиот познат човек што имал родители од два различни вида. Остатоците што биле проучувани припаѓале на девојка која имала неандерталска мајка и Денисован татко, што доведува до антички-човечки хибрид.
Биолозите пренеле меморија од еден полжав на друг
Научниците од Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес тврдат дека успеале да земат едноставна форма на меморија од еден морски полжав и да ја вградат во друг, во истражувања што можат да обезбедат нови индиции во потрага по физичката основа на меморијата.
Истражувачите ефикасно ги трансплантирале спомените со пренесување на форма на генски информации наречени РНК (рибонуклеинска киселина) од специјално обучени полжави, на други полжави кои немале обука. Истражувачите се надеваат дека науката би можела да се покаже корисна во лекувањето на дегенеративните нарушувања во мозокот.
Уредувањето на гените на бебиња предизвика контроверзија
Во ноември еден кинески истражувач тврди дека помогнал во создавањето на првите генетички модифицирани бебиња во светот, предизвикувајќи голема реакција од медицинските експерти. Хе Ѓенкуеј од Јужниот универзитет за наука и технологија во Кина изјави дека ја променил ДНК на близнаци за да им помогне да се спротивстават на можните идни инфекции со сида - сомнителна цел, и етички и научно.
Сепак, не постои независна потврда за тоа што научникот рекол дека го направил, а не е објавено и во весник за другите експерти да можат да го разгледаат.
Реакциите на тврдењето беа брзи и сурови. Повеќе од 100 научници потпишале петиција повикувајќи на поголем надзор врз
експериментите за уредување на гените.
И секако, Илон Маск го направи ова...