X
 13.12.2016 Култура

Хобија што можат да ве направат попаметни

Постојат работи кои доколку ги практикуваме, можат да влијаат на нашата интелигенција.  Истражувањата покажаа дека тврдењето дека таа нѝ е предодредена со раѓањето е заблуда.

Општа е перцепцијата дека не можеме многу да направиме за да ја унапредиме нашата интелигенција, за разлика од подобрувањето на телесните перфоманси. Се верува дека човек се раѓа со определено ниво на интелигенција и дека не може многу да се влијае врз тој капацитет. Меѓутоа, тоа е заблуда. Иако некои луѓе немаат услови ниту можности да го зголемат нивото на својата интелигенција, на повеќето им се достапни многу работи преку кои можат да имаат влијание врз тоа. Една од нив е практикувањето на некое хоби, активност која се прави од интерес и задоволство. Овие се десетте такви активности кои според некои истражувања влијаат врз зголемувањето на нивото на интелигенција.

1.    Вежбајте го мозокот

Како што се потребни редовни физички вежби за одржување на телото, така и на мозокот му требаат редовни тренинзи за да се одржи во добра кондиција. Редовните предизвици на мозокот и поттикнувањето да се активира при изведување нови работи, ја подобруваат острината на умот. Мозокот може да се тренира на многу начини: решавање судоку, гатанки, ребуси. Сите овие активности му помагаат на мозокот да формира нови врски, да научи да реагира на ситуации со креативно размислување, да развива способност за гледање на работите од многу различни перспективи и да стане значително попродуктивен.

2.    Свирете на музички инструмент

Конфучие одамна кажал дека музиката создава некој вид на задоволство кое човечката природа не може да го доживее или да го почувствува без неа. Музиката го стимулира мозокот и има моќ да предизвика некои комплексни емоции и психолошки состојби. Разни истражувања покажаа дека слушањето музика и свирењето на некој музички инструмент го зголемуваат капацитетот на меморијата. Ова хоби исто така ја изострува концентрацијата.

3.    Читајте многу и неуморно

Читањето е долг пат кон зголемување на знаењето, но и на интелигенцијата, особено ако читате книги од разни области за различни теми – од фикција и животописи до антологии. Читањето го намалува стресот, помага при доживувањето на повеќекратни емоции и усвојувањето нови знаења. Сите тие фактори помагаат за понасочено размислување за себе, а да се биде во хармонија со самите себе е клучниот темел за позитивен живот. Читањето придонесува за поголема продуктивност при постигнувањето на зацртаните цели.

4.    Вежбајте често

Здравото тело му помага на мозокот да биде здрав. Мозокот може да се третира како и секој мускул во телото. Редовното вежбање ги одржува мозокот и телото, ја намалува напнатоста и го подобруваат сонот. Лекарите се согласуваат дека подобрата циркулација и протокот на крвта во мозокот, можат да значат и зголемена мозочна функционалност. Разни студии изведени на глувци и луѓе покажале дека кардиоваскуларните вежби можат да креираат нови мозочни клетки , а со тоа да ја подобрат вкупната ефикасност на мозокот.

5.    Научете нов јазик

Учењето нов јазик не секогаш е лесна задача, но има бројни погодности и со сигурност ќе ве направи попаметни. Процесот на учење нов јазик вклучува задачи како што се анализирање на граматички структури и учење нови зборови, а тоа ја зголемува интелигенцијата и здравјето на мозокот. Со разни експерименти е докажано дека луѓето со високи нивоа на вербално-лингвистичка интелигенција се добри во планирањето, носењето одлуки и решавањето проблеми.

6.    Напишете ги своите чувства

Постојат многу придобивки од пишувањето, а една од најважните е зголемувањето на нивото на интелигенција. Пишувањето ги подобрува јазичните способности, но помага и при фокусирањето, креативноста, фантазијата и разбирањето. За писателите честопати се верува дека имаат многу висок коефициент на интелигенција. При пишувањето, сликите што постојат во умот се заменуваат со зборови. Обидот за писмено изразување е одличен начин за подобрување на интелигенцијата.

7.    Патувајте на нови места

Патувањата не се само привлечен начин за забава и потрага по нови интересни места и настани, тие се многу повеќе од тоа и навистина помагаат при зголемувањето на интелигенцијата. Патувањата вклучуваат физички и ментални тренинзи и ослободување на умот од  секојдневниот стрес. Со ослободувањето од стресот се добива можност за подобро концентрирање врз задачите, изострена перцепција и пролабочено разбирање на предметите. Секоја нова дестинација нуди можност за учење нови работи: нови луѓе, култури, обичаи, храна, што овозможува контакт со нови идеи.

8.    Гответе различни видови јадења

За многумина готвењето е губење време и треба да се избегнува, затоа што насекаде може да се купи или нарача вкусен оброк. Но, факт е дека луѓето кои редовно готват, особено оние кои сакаат да експериментираат со нови рецепти, имаат високо ниво на креативност. Затоа секое приготвување на храна, е „мултитаскинг“ активност – што значи истовремено работење на повеќе работи, внимавање на детали и брзо донесување одлуки. Со сите овие вештини, човекот станува поумешен, повешт  и попаметен.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура