На само 20 години Мет Роџерс месечно заработува повеќе отколку што многу луѓе заработуваат за една година.
Додека некои млади луѓе прават пари играјќи видеоигри онлајн и продавајќи работи на „Фејсбук“, Роџерс заработува 50.000 долари месечно продавајќи ги своите зборови.
Откако ја објави првата книга „Изолиран“ во август 2016 година - акциски трилер во кој главниот лик е поранешниот американски специјален оперативец Џејсон Кинг - Роџерс успеал да заработи еден милион долари, пишувајќи 11 романи и девет кратки приказни.
Тој успеал да продаде 210.000 примероци од своите книги преку „Амазон киндл“ и има над 90 милиони прочитани страници на „Киндл анлимитед“, услуга за претплата каде што корисниците можат да читаат или да слушаат колку сакаат, а „Амазон“ ги плаќа авторите по страница.
- Беше неверојатно за сите - вклучувајќи ме и мене. Читањето ми е хоби уште од мојата петта година, а пишувањето од седмата година. Еден ден татко ми ми го донесе неговиот стар лаптоп од работа, па почнав да пишувам - приказни и сѐ што ќе ми паднеше напамет. Решив шест месеци да паузирам од факултет. Слушнав за онлајн-автоиздаваштво, па решив да пробам. Напишав роман, го ставив на „Амазон“ и работата тргна - раскажува Роџерс.
Тој се запишал на правен факултет на Универзитетот „Монаш“, но по еден семестар одлучил дека тоа едноставно не е за него.
Тој е еден од младите автори што се многу популарни во некогаш потценетата област на автоиздаваштво, овозможено од новите дистрибутивни онлајн-платформи како „Амазон Киндл“ и „Ватпад“.
Американската авторка Ана Тод, која постигнала масивна популарност и читаност, успеала да постигне договор за филм базиран на нејзиниот бестселер „After“.
- На 16 години го напишав мојот прв роман, тинејџерска авантуристичка фантазија. Ги посетив сите големи издавачи и агенти и се обидов да привлечам внимание. Очигледно бев млад и неискусен, па не можев да најдам ништо. Токму тоа ме поттикна да се обидам со самоиздаваштво - вели Роџерс.
Бидејќи неколку пати се обидел да напише романи, па веќе имал пракса, пишувањето на неговата прва книга било полесно.
- Првата книга ја завршив за два месеца - вели Роџерс.
Голема заработка
Додека „Амазон“ не сака да ги открие бројките, гигантот за е-трговија изјави дека во изминатите 12 месеци им исплатил повеќе од 250 милиони долари на авторите на „Киндл паблишинг“ . Во 2017 година повеќе од 1.000 автори заработиле над 100.000 долари.
Но, пазарот е високо конкурентен. Вообичаено, во дигиталното автоиздаваштво, колку повеќе пишувате, толку се поголеми шансите да бидете забележани од читателите. Додека заработка од пет цифри од голема издавачка куќа е цел на многу автори, моделите наречени „pay-as-you-go“ (услуга за која плаќаш пред да ја користиш) им овозможуваат на авторите да ги претстават нивните приказни пред читателите за брзо да го тестираат пазарот.
- Ја ставив е-книгата за 99 центи, со основна минимална цена. Во тој момент се обидував да разберам дали можам да создадам кариера и сакав да видам дали луѓето ќе уживаат во она што го пишувам - раскажува Роџерс.
Вели дека последните две години научил не само за вештините за пишување туку и за бизнисот.
- Со автоиздаваштвото морате да правите сѐ. Нудев промоции, им испраќав е-пораки на читателите кои го читаа истиот жанр, се обидував да ги привлечам луѓето и да ги заинтересирам. Имав неколку закажани промоции, успеав да добијам неколку продажби, па продадов околу 10.000 примероци за неколку месеци - вели тој.
- Бев толку мотивиран од луѓето што уживаа во книгата, што за еден и пол месец го напишав продолжението - вели Роџерс.
Според него, најдобриот дел е активната повратна информација од читателите.
- Луѓето уживаа во првата книга, но секако имаше и такви што не уживаа. Секогаш ги прифаќам критиките и се обидувам да се поправам.
Моментално има две книги-серии - „Џејсон Кинг“ романите и спиноф-сериите со ликот Вил Слатер.
Неговиот совет што да направат писателите ако се соочуваат со блокада на мислите? - Мојот
совет е да бидат упорни. И јас се борев со тоа. Имаше период кога самиот се терав да пишувам околу еден месец. Кога ќе ги погледнев зборовите, тие беа со истиот квалитет како кога бев креативно инспириран. Сфатив дека тоа е мотивација.