Самата појава на предмети од типот на македонски-пајонски бронзи ги издвојува покојниците по својот статус што го имале во заедницата
Специфичните пајонски бронзи, преку пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол (Исар Марвинци) и на локалитетот Милци, од вчера се изложени во Археолошкиот музеј, кај кејот на Вардар во Скопје. Под насловот „Статусни симболи кај пајонските заедници“, изложбата е приказ на петте погребувања кои по своите специфични карактеристики се издвојуваат од останатите погребувања во населбата, каде што во изворна состојба, добро сочувани, се појавиле нови типови религиозни комплети од групата на т.н. македоски-пајонски бронзи. Авторка на изложбата е д-р Александра Папазовска, кустос-советник во Археолошкиот музеј.
- Самата појава на предмети од типот на македонски-пајонски бронзи ги издвојува покојниците по својот статус што го имале во заедницата. Прво, бројноста на накитот и гробните прилози ја изразуваат нивната економска моќ, но најважниот елемент го имаат прилозите кои сами по себе имаат карактер кој може да се поврзе со култ кон сонцето или, пак, со некакви активности поврзани со самиот култ - објаснуваат организаторите.
Како прототип на ваквите богати погребувања претставен е добро познатиот гроб на „свештеничката од Марвинци“ (гроб 15) од Лисичин Дол. Сите предмети што имаат неоспорна култна содржина биле поставени врз телото на покојничката. Овој елемент на положување предмети со култен карактер го среќаваме кај сите покојнички, така што предметите биле положени врз нивните тела, и тоа во пределот на градите или појасот и карлицата.
На изложбата посебно се издвојува покојничката со композитниот предмет „Култна палка“ од гроб 125, кој го издвојува и подигнува социјалниот статус на покојничката, но и ја одредува улогата што оваа покојничка ја имала во религиозни обреди.
Фото: Археолошки музеј
Според Папазовска, масовната употребата на пајонските бронзи зборува за зголемената економска моќ на одредени поединци во заедницата, но и за постоење на некој ред кој се занимавал со одредени духовни манифестации поврзани со култот кон сонцето.
- Предметите од групата на пајонски бронзи сама по себе ги издвојува овие покојнички во рамките на заедницата, со што претставува израз на јасно издиференцирана социјална стратификација. Тоа е израз на првите раслојувања на племенската аристократија во општеството, и тоа по основа на економска моќ, која на крајот на железното време ќе доведе до формирање на нови општествени форми.Така покојничките секако биле лица со повластен статус помеѓу локалната световна аристократија - вели таа.
Изложбата се отвора во соработка на Археолошкиот со Музејот во Гевгелија. За посетителите ќе биде отворена до март.