X
 11.02.2019 Култура

Требениште: Тоа што илјадници години беше под земја, а пред 100 години го разединивме, денес повторно се обединува

Веројатно ова е најпосакуваната, најочекуваната и најзначајната изложба за македонската, балканската и европската археологија, рече Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј на Македонија

Долго мечтаевме оваа изложба да стане реалност. Сè уште не знам дали се сите свесни што постигнавме. Тоа што илјадници години беше под земја, а пред 100 години го разединивме, денес повторно се обединува, рече меѓу другото Татјана Цветичанин, археолог на Народниот музеј од Белград, на денешната прес-конференција во Археолошкиот музеј на Македонија, на која беше најавена големата изложба „100 години Требениште“. На изложбата, која ќе биде отворена во Скопје на почетокот од март и ќе трае до август, првпат на едно место ќе бидат изложени скапоцените предмети од охридските некрополи од Требениште и Горна порта, кои денес се во сопственост на Македонија, Бугарија и на Србија.

- Веројатно ова е најпосакуваната, најочекуваната и најзначајната изложба за македонската, балканската и европската археологија - рече Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј на Македонија.

Пред многубројната публика се обратија и Христо Попов, директор на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науки во Софија, авторите на изложбата Перо Арџанлиев, Вера Крстиќ и Крсто Чукалев, редакторите на изложбата Александра Папазовска и Татјана Цветичанин.

На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 400 предмети од колекциите на трите музеи, заедно со Заводот и музеј од Охрид.
Воедно беше промовиран и ексклузивниот каталог во кој се поместени текстови од 26 автори и фотографии од сите предмети што ќе бидат дел од изложбата.
По Скопје, таа ќе биде поместена во Белград и во Софија, а веќе за неа се интересираат најголемите музеи во Париз, Виена и во Берлин.

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура