X
 11.12.2017 Култура

„Недела на археологијата“ во Археолошкиот музеј на Македонија



Ученици од скопското училиште „11 Октомври“ денеска ќе изработуваат плакати за изложбата „Некогаш и сега“ во Археолошкиот музеј на Македонија. Најдобриот предлог ќе биде прогласен за официјален плакат на изложбата која ќе биде отворена во четврток, во 18 часот.
Акцијата се одржува во рамките на манифестацијата „Недела на археологијата“ која од денеска до петок ќе се одржува во Музејот.
- Годинава по четврти пат ќе бидеме домаќини на манифестацијата „Недела на археологијата“. За публиката подготвивме работилници, проекции на филмови, конференции – велат од Археолошкиот музеј.



Манифестацијата почна денеска со детската работилница. Во 15 часот ќе се одржи проекција на документарен филм.
- Вторник е отворен ден на музејот. Влезот е бесплатен влез за посетителите и тие ќе можат да разговараат со кустосите-археолози за сите теми поврзани со археологијата и музеологијата, како се пронаоѓаат предметите и што се случува додека тие станат експонати изложени во музејската поставка. Музејот ќе биде отворен за публиката од 10 до 10 до 17 часот – велат од Музејот.

Во среда ќе се одржи 3. Меѓународна археолошка конференција „Неолитот во Македонија“, а ја организира Центарот за истражување на праисторијата од Скопје. Домашни и странски археолози ќе ги претстават најновите резултати од истражувањата на неолитот на Балканот. Во рамките на конференцијата ќе се одржи промоција на зборникот „Неолитот во Македонија“ чии уредници се Љубо Фиданоски и Гоце Наумов и на монографијата Grncarica: contribution to Early Neolithic puzzle in the Balkans од Дарко Стојановски.



В четврток во 13 часот Музејот ќе го посетат децата со оштетен вид од Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов – Скопје“. За нив е подготвена специјална програма и тактилна изложба.
- Децата ќе можат да се запознаат со музејски предмети, а потоа да ја искажат својата креативност и наученото во врска со археологијата преку моделирање во глина. Ова се дел од заложбите на Археолошкиот музеј да ги доближи своите поставки до сите посетители, во вистинска смисла на зборот – велат од Музејот.
Вечерта, во 18 часот ќе бидат презентирани плакатите од денешната детска работилница, а потоа ќе биде отворена изложбата „Некогаш и сега“ во која дел од музејските артефакти од минатото ќе бидат изложени заедно со предметите од ист вид од нашето секојдневие.
Во 19 часот хорот „Артизан“ ќе одржи концерт на средновековна музика.
Манифестацијата завршува в петок, со серија презентации. Јавноста ќе се запознае со истражувачките проекти и изложби на Археолошкиот музеј реализирани оваа година и учеството на кустосите на меѓународните научни конференции на кои ја претставуваат Република Македонија пред светската стручна и научна јавност. Во 15.30 часот ќе се одржи проекција на документарен филм.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура