X
 13.12.2020 Образование

Почина професорот Драган Михајлов

Професорот Драган Михајлов, еден од основоположниците и доајените на информатиката во нашата земја, а и еден од основачите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), почина вчера на 71-годишна возраст, соопштија од ФИНКИ.

Проф. д-р Михајлов дипломирал и магистрирал на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1973 и 1975 година, а докторирал на Електротехничкиот факултет во Љубљана во 1979 година. Во периодот од 1973 до 1983 година работел во Математичкиот институт со нумерички центар при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што во 1982 година е избран за доцент. На Електротехничкиот факултет во Скопје е вработен во 1983 како доцент. Во звањата вонреден и редовен професор бил одбиран во 1987 и 1992 година, соодветно. Во текот на својата работа имал повеќемесечни студиски престои на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1974 година, на Електротехничкиот факултет во Љубљана во 1978 и на Одделот за биоматематика на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес во учебната 1984-1985 година. Држел настава по разни предмети од областите на интерес на додипломски и магистерски студии на повеќе факултети (Природно-математички факултет, Воена академија, Медицински факултет, Факултет за физичка култура, Факултет за драмски уметности, Институт за социолошки и политичко правни истражувања). Автор и коавтор е на повеќе од 150 трудови објавени на меѓународни конференции и списанија. Раководел и учествувал во повеќе научноистражувачки и стручни проекти. Награден е за најдобар труд по биокибернетика на Југословенската конференција за ЕТАН.

- Со неговата смрт нашиот факултет, студентите и вработените загубија вреден и ценет професор и педагог од кого научивме многу и можевме уште многу да научиме - истакнаа од ФИНКИ.

Фото: ФИНКИ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование