Тим од пет студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и од Факултетот „Бреинстер некст“ го освои првото место на „Blokchain Hackathon Skopje“ со иновативното решение „Safe Chain MK“.
Тамара Стојаноска, Сара Андоновска, Христина Ѓорѓиевска, Огнен Младеновски и Драган Стојчевски создадоа платформа базирана на блокчејн како одговор на проблемот со масовните фишинг СМС-пораки поврзани со системот „Сејф сити“ во Македонија. За потсетување, само во едно попладне беа испратени над 10.000 лажни пораки за сообраќајни казни, со што огромен број граѓани беа изложени на измами и финансиски злоупотреби.
- Ние сме тим кој доаѓа од различни средини, со различни начини на размислување, различни идеи, еден заеднички став - дека технологијата треба да решава вистински проблеми. Оваа победа на првиот Blockchain Skopje хакатон за нас е повеќе од освоено прво место на – таа е 48-часовно размислување и градење нешто што навистина има значење. Влеговме со идеја, излеговме со искуство кое не може да се замени. Доказ дека хакатонот не е само натпревар, туку простор каде што студентите растат и сфаќаат дека вистинското знаење се стекнува кога решаваш вистински проблеми со вистински луѓе до тебе - вели Огнен Младеновски за Факултети.мк во името на целиот тим.
На хакатонот се претставија со „SafeChain“, платформа за борба против фишинг-измами поврзани со сообраќајни прекршоци.
- Секој од нас, во изминатиот период, барем еднаш добил сомнителна порака, лажна казна за направен прекршок од „Сејф сити“. Актуелен проблем со кој се соочуваме сите. Пред воопшто апелите да ги преплават медиумите, сведоци сме за голем број граѓани-жртви кои „паднаа“ на тие лажни пораки и завршија со одлив на непотценувачки суми од нивните банкарски сметки. Наместо да се прашуваме зошто луѓето сè уште потпаѓаат на вакви измами, решивме да си поставиме поважно прашање: Зошто воопшто им оставаме можност за сомнеж? Одговорот прерасна во SafeChain – платформа изградена врз еден принцип кој звучи едноставно, но менува сè - официјалната порака никогаш не содржи линк. Граѓанинот добива само верификуван СМС-код. Ја отвора официјалната платформа, го внесува кодот и пристапува до сè што му е потребно: фотографија од прекршокот, локација, детали за казната. Оттаму може да ја види својата историја на прекршоци, да поднесе ПДФ-приговор со електронски потпис и да ја плати казната онлајн. Покрај безбедноста, SafeChain го решава и секојдневниот проблем со бирократијата. Повеќе нема макотрпни чекања по институции – сите докази, плаќања, приговори се на едно место, достапни во секунди - објаснува тимот.
Тимот верува дека ова решение има потенцијал да прерасне во вистински систем за заштита на граѓаните и за дигитална доверба, не само во Македонија туку и во сите држави што ја користат инфраструктурата „Сејф сити“.
- Секоја година милиони луѓе низ светот губат пари, лични податоци и доверба поради една иста причина - линк во порака. Добивате порака дека имате добиено казна и мора веднаш да се плати. Линкот изгледа официјално. Страницата изгледа вистинито. Со само еден клик добивате известување за одлив на пари кон непознат субјект. SafeChain го прекинува тој циклус на најосновно ниво. Не со филтри, не со детекција, не со предупредувања - туку со отстранување на самиот механизам. Кога официјалната порака никогаш не содржи линк, секој линк автоматски станува сомнителен. Областите на примена се речиси неограничени: даноци, банкарство, здравство, осигурување, комунални услуги, државна администрација. Секаде каде што постои официјална порака до граѓанин, постои и ризик. И секаде каде што постои ризик, SafeChain може да го отстрани - потенцира Огнен.
Платформата нуди безбедна проверка на казни без ризици од фишинг-пораки и што е најважно - таа не се бори против измамите, туку ги прави непотребни.
- SafeChain не е производ само за сообраќај. Тоа е инфраструктурен модел. Концептот наречен „anti-phishing by design" - значи дека безбедноста не е додаток, туку е вградена во самиот процес од самиот почеток. SafeChain не се бори против измамите, туку ги прави непотребни. Кражбата на лозинки, банкарски информации и лични податоци преку фишинг-измами станува значително потешка кога корисникот не е насочен кон надворешна адреса. Не постои линк кој може да се копира. Не постои страница која може да се имитира. Не постои точка на напад - додава Огнен.
Тимот смета дека темата е актуелна, општествено важна и отвора простор за вистинска промена во начинот на кој институциите комуницираат со граѓаните. Олеснувањата што ги нуди не се само во поглед на граѓаните, туку и на самите институции.
- SafeChain не им помага само на граѓаните, туку и на самите институции. Денес, голем дел од комуникацијата и евиденцијата сè уште се базира на хартија, рачна проверка и расцепкани системи, што го забавува целиот процес и остава простор за грешки, злоупотреби и недоверба.
Со SafeChain институциите добиваат централизирана и сигурна платформа преку која многу полесно комуницираат со граѓаните. Наместо сомнителни линкови и небезбедни пораки, се испраќа само безбедносен код преку официјален канал. Граѓанинот точно знае каде треба да се најави и дека информацијата е автентична. Истовремено, институциите добиваат детален и организиран увид за секој граѓанин - историја на прекршоци, статус на постапки, плаќања, жалби и промени во реално време, без пребарување низ документација и хартиени архиви. Тоа значи побрза обработка, помал административен товар и многу поефикасна работа на службите. Но најважно од сè - SafeChain повторно ја гради довербата помеѓу институциите и граѓаните. Наместо граѓаните постојано да се прашуваат дали некој се обидува да ги измами, тие добиваат систем дизајниран да ги заштити. А кога комуникацијата е сигурна, транспарентна и лесно проверлива - и институциите и граѓаните функционираат многу поефикасно - додаваат од победничкиот тим „ SafeChain MK“.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.