Деновиве имав можност да прочитам низ медиумите дека нашата држава лани
за прв пат извезла повеќе компјутерски и информатички услуги отколку
овошје и зеленчук - вели Чорбев
По само 8 самостојни академски години ФИНКИ стана еден од најпрестижните факултети во државата, факултет кој го избираат најголем број на матуранти, кој прерасна во најголем технички факултет во Југоисточна Европа по број на студенти. Проф. д-р Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство вели дека и оваа академска година очекува најдобрите матуранти да го одберат овој факултет.
За еден месец почнуваат уписите за новата академска 2019/2020 година. Што ново ќе им понуди ФИНКИ при УКИМ на идните студенти?
- За време на летните одмори ФИНКИ работи со полна пареа и во моментов се врши реконструкција на мрежната инфраструктура на факултетот, се набавува дополнителна ИТ опрема која ќе се користи од страна на студентите. На новите студиски програми од минатата година, освен продлабочените знаења за информатички и компјутерски технологии, силен акцент ставивме и на претприемачките вештини. Во тој контекст, на техничкиот кампус каде е сместен ФИНКИ, минатата година започна да функционира универзитетскиот „Бизнис акцелератор УКИМ“, со поддршка од ФИТР и конзорциум од искусни партнери, отворајќи можност стартап идеите на нашите студенти да добијат менторска и финансиска поддршка за брз раст во успешни бизниси. Со тоа ФИНКИ како дел од УКИМ го држи чекорот со современите ИТ факултети кои на студентите им обезбедуваат знаење, вештини, но и инкубација и акцелерација на нивните бизнис идеи.
Проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ
Кои се вашите очекувања за уписите во учебната 2019/2020?
- Нашите очекувања за новата учебна година се исти како и досега, очекуваме најдобрите матуранти да го изберат ФИНКИ. Ќе ни претставува особена чест и задоволство да се работи со најдобрите од целата држава. ФИНКИ оваа година по втор пат ќе запише студенти на студиските програми кои беа реформирани и акредитирани минатата година, а минатогодишните студенти за прв пат ќе одат во втора година од студиите според новите програми. Минатата година рекорден број студенти го избраа ФИНКИ, препознавајќи го досегашниот квалитет и иновативноста на новите програми, па очекуваме сличен интерес и оваа година. Нашите очекувања се дека трендот на раст на бројот на студенти кои ја избираат информатиката како нивна идна професија ќе продолжи.
Интересот за студирање на ФИНКИ расте секоја година. Сепак, дефицитарен е бројот на информатичари и програмери на пазарот на трудот. Како студентите и идните дипломирани информатичари да се задржат во земјава?
- Деновиве имав можност да прочитам низ медиумите дека нашата држава лани за прв пат извезла повеќе компјутерски и информациски услуги отколку овошје и зеленчук. Извозот на компјутерски и информатички услуги од земјава минатата година надминал досега рекордни 160 милиони евра. Ако се спореди со извозот од овој сектор пред пет години кога изнесувал 60 милиони евра, тогаш зголемувањето на извозот е 167%. ФИНКИ е доминантен извор на кадрите во оваа индустрија, веќе подолго време. Сакаме да веруваме дека ние до ФИНКИ сме придонеле за овој раст со знаењата кои сме ги пренеле на денешните инженери носители на овој раст.
ИТ индустријата забрзано расте и има потреба од нови и повеќе способни информатичари, во услови кога дел од нив и заминуваат да работат во странство. Сето тоа значи дека ИТ индустријата е скоро единствената во земјава во која вработените преговараат за повисока плата, имаат просечно највисока плата споредено со други професии, добиваат серија други погодности како животно осигурување, семејно приватно здравствено осигурување, работа од дома, флексибилно работно време, забавни и друштвени игри за релаксација на работното место итн.
ФИНКИ како институција активно соработува со ИТ компаниите за да се обезбеди пракса и вработување за студентите, доживотно учење и професионално усовршување на вработените ИТ инженери, заедничка работа на проекти и ред други активности кои на информатичарите ќе им овозможат околина за работа споредлива со онаа во развиените земји. Сепак, миграција на инженери е нормална работа во светот. Како што западно-европските инженери сакаат да се докажат во Силициумската долина во Калифорнија и мигрираат таму, така и нашите инженери сакаат да ја доживеат работата и животот во ЕУ или да им се придружат на колегите во Калифорнија. Единствено што ние како општество може да сториме е да ја направиме Македонија подобро место за живеење за луѓето да имаат помалку дополнителни причини за заминување освен желбата да се истражи новата средина.
Во насока на тоа, особено ме радува фактот дека минатата година ФИНКИ потпиша меморандум за соработка со над 15 компании основани од страна на поранешни студенти на ФИНКИ. Тоа се компании формирани во нашата држава кои работат со полна пареа и токму преку ФИНКИ обезбедуваат практиканти, стипендираат и вработуваат студенти од ФИНКИ. Сето тоа ми дава надеж дека токму таквите примери во голема мера ќе придонесат за задржување на информатичарите кај нас.
Информатичките науки и компјутерско инженерство е професија број еден секаде во светот. Во однос на квалитетот на студиите, како котира ФИНКИ во однос на земјите од регионот?
- ФИНКИ интензивно соработува на рамноправни основи со сите технички факултети во регионот како дел од проектни конзорциуми од европските програми Еразмус и Хоризонт 2020, заедно со партнери од целата Европска унија и пошироко. Нашите дипломци продолжуваат да студираат на магистерски студии кај нас или често на најпрестижните европски универзитети заедно со нивните врсници селектирани од редот на најдобрите. Секојдневно се среќаваме со менаџери на странски компании кои отвораат канцеларии кај нас и со исклучителни пофалби се изразуваат за нашите инженери кои ги вработуваат кај себе. Во таа смисла, нема разлика во спремноста на нашите наспроти странските студенти во борбата да се соочат со идните предизвици. Со оглед дека над 40% од предметите во рамки на студиските програми кај нас се изборни, а благодарение на добрата кадровска екипираност, факултетот нуди широк спектар изборни предмети, останува на самите студенти да изберат како и колку ќе се специјализираат во тек на студиите за да бидат спремни за нивните идни кариерни или образовни планови.
После 8 години постоење како факултет при УКИМ, каде е ФИНКИ денес?
- Со задоволство можам да кажам дека ФИНКИ цврсто гази по правилен пат. После само 8 самостојни академски години ФИНКИ стана еден од најпрестижните факултети во државата, факултет кој го избираат најголем број на матуранти, кој прерасна во најголем технички факултет во Југоисточна Европа по број на студенти, факултет кој ги продуцира најбараните и најквалитетните ИТ кадри во државата и пошироко, кој е партнер на студентите, факултет кој во голема мера придонесе за модернизација на Универзитетот, кој е препознатлив и признат во целиот свет, факултет со најголема студентска размена... Можам уште многу да набројувам, но мислам дека ФИНКИ денес е една успешна приказна од нашата држава која продолжува и расте.
Што се случи со просторните услови на ФИНКИ? Ќе се всели ли ФИНКИ во долгоочекуваната нова зграда во новата академска година?
- Во моментот ФИНКИ користи простор во техничкиот кампус на УКИМ и идната учебна 2019/20 година наставата ќе се одвива во сегашните простории, а се надеваме на обезбедување на дополнителен простор во техничкиот кампус или во неговата околина. Со оглед на одолговлекувањето на изградбата на објектот на ФИНКИ во кампусот на УКИМ, остваривме повеќе средби со надлежните институции од кои наидовме на разбирање и ветувања за помош во обезбедување дополнителен простор до изградбата на зградата на ФИНКИ, како и цврсти уверувања дека сите проблеми кои се појавија во изградбата на зградата ќе бидат набрзо надминати.
Со нетрпение ја очекуваме изградбата на сопствена зграда и наше конечно вселување во неа, но во меѓувреме правиме инвестиции во постојаниот простор кој го имаме на располагање. Сакам да нагласам дека без разлика што факултетот во моментот не располага со сопствени простории, речиси сите простории кои ги користиме на техничкиот кампус на УКИМ се реновирани и опремени со висококвалитетна опрема и климатизација, нешто што пред да постои ФИНКИ беше незамисливо на повеќе државни факултети во државата.
Што би им препорачале на идните студенти што ќе се запишат на ФИНКИ?
- Студентите на ФИНКИ најпрвин треба да ги доживеат студентските денови во целост. Студиите се и време кога треба да истражувате, да посетите опера, театар, изложби, да се доизградите како личност од интелектуален, морален и културен аспект. Студентите на ФИНКИ се способни луѓе, а често способните се умешни на повеќе полиња. Меѓу бројните студенти на ФИНКИ сум сретнал и спортисти, рокери, диџеи, сликари, поети. Сепак, исправени на почетокот од студиите, студентите стојат пред еден голем предизвик. Со уписот на ФИНКИ студентите го направиле првиот успешен потег влегувајќи во најдобриот универзитет и факултет кај нас. Со изборот на ФИНКИ, тие избрале професија која ветува успешна професионална кариера. Но, тоа е само ветување. За да се оствари таа кариера ќе мора да се учи и посветено да се работи. На патот ќе има многу пречки кои ќе изгледаат непремостливи. Но, секогаш треба да се знае дека досега имало многумина кои го поминале овој пат, успешно ќе го поминат и новите студенти.