X
 14.10.2018 Наша тема

Се решив за бизнис во Македонија зашто сакав да им вратам нешто на нашето општество и на ФИНКИ, каде што студирав

Факт е дека не ни е идеално дома, меѓутоа, нашата генерација е таа што пополека доаѓа на сцена и од нас зависи како ќе го дефинираме општеството во наредните години, вели Филип Петровски, основач на компанијата „Data Masters“

Тој е посветен претприемач со богато меѓународно искуство, но со голема волја да го пренесе во својата земја. Токму затоа Филип Петровски одлучи да ја основа својата компанија Data Masters во Скопје. Станува збор за компанија специјализирана во бизнис-интелигенција (Business intelligence) и напредна аналитика (Advаnced analytics). Петровски е магистер по менаџмент на информации на NOVA IMS во Лисабон, токму за областите бизнис-интелигенција и менаџмент на знаење. Тој е дипломец на ФИНКИ на насоката Информациски системи.

Филип Петровски

Работите дејност која е многу корисна за светот на бизнисот. Направивте чекор кој се чини не многу популарен за нашите успешни луѓе што се образовале или работеле во странство  - се вративте во Македонија. Што беше пресудно за компанијата да ја основате во Македонија?

- Идејата за „Data Masters“ постоеше одреден период и нејзиното основање беше само прашање на време. Многумина ме советуваа да не отворам ваква компанија во Македонија зашто е тешко, и огромен број професионалци се веќе заминати во странство и дека ваква идеја не може да успее кај нас. Исто така, поради фактот што самата област што ја работиме е повеќе консултантска и потребна е постојана интеракција со менаџментот на компанијата во која би развивале едно решение од бизнис-интелигенцијата, пријатели во Португалија ме советуваат да ја отворам компанијата во Лисабон, каде што го познавам пазарот и веќе имам контакти кои би можеле да ми помогнат да се пробијам на тој пазар.
Причината, сепак, да отворам во Македонија беше поврзана со желбата да му вратам нешто на ова општество, да му вратам нешто на факултетот каде што студирав и да придонесам во градење компанија која ќе може да го адресира и македонскиот бизнис-сектор, да пренесе светски искуства и да им овозможи на младите луѓе во Македонија да работат една област за која инаку би требало да одат во странство.

Се освестуваат ли македонските фирми за бизнис-интелигенцијата? Сфаќаат ли колку е важна таа поддршка за нивната работа?

- Во последниве два и пол месеци, колку што сум активно во комуникација со македонските компании, успеав да слушнам и да видам комплетно различни приказни и искуства. Од една страна, за жал, постојат компании кои се веќе „изгорени“ од непрофесионално сработени проекти од страна на некои македонски компании и сега ИТ-менаџерите буквално се плашат да почнат каква било нова иницијатива, а од друга страна, постојат огромни македонски компании кои наместо да се фокусираат на анализа на своите податоци, се фокусирани во постојано мануелно склопување извештаи, а со тоа и губење драгоцено време на своите бизнис-аналитичари.
За среќа, има еден мал дел компании што се со отворен ум, ја препознаваат потребата од ваков вид консалтинг и се спремни да инвестираат во решение од бизнис-интелигенцијата, кое за брзо време ќе ги одвои од конкуренцијата и ќе ги дефинира како лидери во своите сектори.
Токму поради оваа реалност, мисијата на „Data Masters“, како прва македонска компанија фокусирана исклучително на бизнис-интелигенцијата и машинско учење, е да понудиме поддршка на секоја компанија во Македонија при трансформацијата во data-driven компании.

Тимот на Data Masters

Дипломец сте на ФИНКИ, а магистерски студии завршивте во Португалија. Ве радува ли фактот дека младите во нашата земја покажуваат сѐ поголем интерес за информатичките науки и размислуваат практично, односно го следат пазарот на трудот?

- Искрено, интересот и желбата за ИТ кај младите, од една страна, ме радува и ме охрабрува фактот што популарноста на информатичката технологија значително расте и во Македонија. Тоа што ме загрижува е и фактот што токму од оваа област имаме сѐ повеќе и повеќе одлевање таленти во странство и тоа што ИТ како област се гледа како виза за работа во странство. Овој проблем секако е на товар на компаниите, кои мора да направат сѐ за да ги задржат ваквите кадри во Македонија, мора да обезбедат интересни проекти и да понудат компетитивен кариерен развој сличен на тој во северноевропските земји.
Токму затоа ние, компаниите, мораме да понудиме развој на софтверски решенија и големи информациски системи, за бизнис-интелигенција и слично, за да можат професионалците да најдат предизвик и во Македонија.
Како резултат на сето ова, целта на „Data Masters“ е токму таа, соработката со нашите домашни и странски партнери да биде базирана на развој на решенија кои ќе бидат од огромна стратешка важност за компаниите, ќе го оптимизираат целокупното работење на компаниите и ќе му овозможат на менаџментот комплетна поддршка при носењето оперативни и стратешки одлуки.

Каков совет би им дале на младите кои штотуку завршиле факултет или, пак, студираат? Како да ги убедиме своето знаење да го вложат во бизниси во Македонија?

- Генерално, би сакал да им порачам на сите млади што планираат да одат во странство, да не заборават дека токму од нас зависи дали дома ќе ни биде убаво или не. „Тревата на соседот е секогаш позелена од нашата“ е изрека популарна насекаде низ светот, па затоа и не треба да ја заборавиме поуката од неа. Да се оди во странство значи да се остави сѐ и да се почне од нула во некоја друга држава, каде што не е лесно и евтино да ги имаме истите благодати како дома и не е лесно да ги стекнеме истите пријателства кои во Македонија ги градиме уште од мали нозе. Факт е дека не ни е идеално дома, меѓутоа, нашата генерација е таа што пополека доаѓа на сцена и од нас зависи како ќе го дефинираме општеството во наредните години.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема