Вевчани и годинава за време на празнувањето на Василица два дена живее во знакот на карневалот, маските, шегата и забавата дури и во време на пандемија.
На карневалот, познат по тоа што на сатиричен и хумористичен начин ги отсликува случувањата од минатата година, се делеа „ковид-сертификати“, се протестираше за тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, се копаа биткоини, а на манифестацијата продефилираа и маските на ликови од македонската политичката сцена.
- Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е да не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е да не бидете вулгарни - порача Спасе Кочовски, градоначалникот на Вевчани, на отворањето на фестивалот на маските. Поворката почна, како и секогаш, од почетокот на селото, со дефиле во центарот, а потоа продолжи низ вевчанските улици доцна вечерта и се очекува да продолжи во текот на денешниот ден.
Според традицијата, двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и другите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во земјава и светот се движат низ вевчанските улици. Манифестацијата завршува денеска попладне со карневалско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.
Фото: Роберт Атанасовски