Професорите информираа и дебатираа за потребата од медиумската писменост во образованието како предуслов за поголема отвореност, разбирање и прифаќање на информациите во општествата
Граѓаните и особено младите секојдневно се среќаваат со голем број информации. Напливот на медиуми, а особено на различните видови медиуми - од традиционалните до социјалните - води до една убава можност за брзо пласирање на информацијата. Време на динамика и остварување двонасочна комуникација. Воедно, тоа води и до хаос од лажни вести, манипулации, дезинформации, пристрасно информирање, спинување и многу други нешта кои не се во полза на јавноста, општото добро и демократијата. Токму затоа за јавноста е исклучително значајно да биде запознаена со значењето, улогата и важноста на медиумската писменост, а исто така особено е драгоцено да умее да ги препознае видовите лажни информации со кои секојдневно се среќава.
Колку и како се знае за медиумската писменост во Македонија и во регионот? Како да селектираме, препознаваме, поинаку да размислуваме во однос на тоа што го читаме, слушаме и гледаме на различните видови медиуми, односно како медиумски да се описмениме е прашање кое е сѐ почесто присутно во јавноста, а минатата недела се одржа и симпозиум на оваа тема. Целта беше преку примери и искуства од професори и истражувачи од Македонија и поширокиот регион да се претстават можни решенија за сеопфатно вклучување на медиумската писменост во високото образование.
Рене Хобс, професорка на Универзитетот на Роуд Ајленд, Факултет за комуникации и медиуми „Харингтон“, САД, посочи дека е неопходно да го поддржиме развојот на компетентни и самоуверени наставници по медиумска писменост во високото образование. Пол Михаилидис, професор по граѓански медиуми и новинарство, Факултет за комуникации при колеџот „Емерсон“, САД, истакна дека медиумската писменост е клучна за градење општество кое ќе бара отчетност од јавните институции. Професорите и гостите два дена онлајн информираа и дебатираа за потребата од медиумската писменост во образованието како предуслов за поголема отвореност, разбирање и прифаќање на информациите како дел од развојот на демократијата во општествата.
Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС го организираа овој меѓународен симпозиум под наслов „Во чекор со трендовите: образование за медиумска писменост во сè побрзото секојдневие“ како дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“. За време на симпозиумот беше објавен отворен
повик за универзитетите во Македонија да поднесат предлози за развој и спроведување активности за образование за медиумска писменост во партнерство со ИКС и ИРЕКС.